Дебата за работнички права: Има работа, а живее во беда

Македонија ги има сите предуслови работниците да живеат пристојно, но во реалноста сликата е спротивна. Синдикатите не можат да се наметнат кај властите, социјалниот дијалог е формален, не се применуваат казнените мерки во случај кога има кршење на работничките права. Ова беа поентите на последната радио дебата на Диверзити Медиа која се емитуваше на Радио МОФ и каде беше отворена дилемата дали работничките се и човекови права.

Има работа, а живее во беда

Додека остатокот од светот протестира, во Македонија со години работничката класа го негува имиџот на мирна и желна за скара, табла јајци и некогаш свински полутки. На меѓународниот ден за пристојна работа, најголемите синдикати одбраа да се сликаат со ресорните министри наместо да организираат собир на кој гласно ќе се кажат проблемите. Нив ги има многу.

Универзитетскиот професор, Здравко Савески објаснува:

„Работодавачот смета дека е доволно само да му понуди работа на својот работник и ништо повеќе од тоа и едноставно да го пороби на неговото работно мести и тоа се смета за типично бидејќи и самите очи со кои гледаме на реалноста се такви. Едноставно се смета дека штом си се вработил си направил нешто премногу во животот.

Тамара Чаусидис од независниот синдикат на новинари и медиумски работници, вината ја гледа во промената на генералниот ментален склоп во општетството.

„Ние некако од оној квази социјализам во којшто бевме влетавме во неолибарелизам, а останавме со менталниот склоп во феудализам. И мислам дека тука е клучниот проблем. “

Во ваква ситуација има многу апсурди. На пример дека да си вработен во Македонија не значи и дека си рекол збогум на сиромаштијата.

„Државен завод за статистика лани излезе со податок дека 10% од вработените лица се под прагот на сиромаштија. Сега се поставува прашањето како тоа некој работи а е сиромав. Сиромав е бидејќи не му се плаќа доволно трудот и не се почитува тој на работното место. “

Од Конфедерацијата на работодавачи не се согласуваат дека во толкава мера се кршат работничките права. Севдалинка Ефтимова го лоцира проблемот на друго место.

„Во Македонија проблем е што тој социјален дијалог не е развиен на високо ниво или е можеби некоја нова форма на работа. Од сите страни недостасува комуникација за да биде развиен. Можеби недостасува или интеракција, или искуство, или пак проблемот е во тоа што сепак сме млада демократска држава и за некои работи е потребно време за да се постигнат посакуваните резултати. “

Чаусидис е самокритична. Синдикатите, вели, сфаќаат дека инститциите само формално треба да ги проверат состојбите на терен и со тоа нема напред.

„Можеби како синдикати ја пропуштаме приликата да им објасниме на работодавачите дека е во нивен интерес да имаат синдикат бидејќи никој како синдикатот не е заинтересиран фирмата да работи подобро. “

Од друга страна, синдикалното организирање во приватниот сектор речиси и да го нема. Зошто е тоа така? Ефтимова е директна.

„Она што недостасува е свест кај работодавачите и тоа е факт. Во економија во којашто 98% се мали и средни претпријатија не можеме да очекуваме дека во сите тие компании ќе има синдикат, меѓутоа она што може да се направи е претставник на работниците којшто директно ќе разговара, ќе преговара и ќе биде информиран од работодавачите или она што веќе постои како европската практика е законот за работнички совети којшто кај нас недостасува“.

Нашите соговорните се согласуваат дека работните односи се регулирани, има казнена политика, но во примената има дефекти.

„Реално трудовата инспекција не настапува во функија на заштита на она што е нотирано во Законот за работни односи. Ние говориме за пристојна работа. Пристојна работа подразбира почитување на Закон, вели Тамара Чаусидис.

Независниот медиумски синдикат има регистрирано два случаи за флагрантно кршење на правата.

„Работодавачот ја исплаќа платата, а потоа со картичките на работниците оди на банкомат, ги вади и си зема дел од платата. Во другиот случај исто им се исплаќа плата потоа се земаат тие пари и се исплаќаат на оние коишто се неформално вработени како хонорарци, зборувам за медиум. “

Од Конфедерацијата на работодавачи не го негираат ова.

„Ние во комуникација со синдикатите и со луѓе, граѓански организации имаме сознанија дека ова е точно и дека има работодавачи коишто на некој начин ја поминуваат платата формално и ги бараат парите назад од вработените и тоа е проблем на сите нас со којшто треба да се соочиме. “ вели Севдалинка Ефтимова.

Со Законот за минимална плата донесен дури лани, Македонија стана последната земја од Балканот која го регулура ова прашање. 8050 денари е минимумот, но интересно е што трудовите инспектори не нашле ниту едно прекршување. За Савески ова отвора дилема.

„Тоа би значело или дека сите работодавачи го почитивале Законот за минимална плата или казнените одредби се проблематични и го спречуваат спроведувањето на Законот. Во Македонија ние не сме познати како земја во која сите под команда почитуваат закон.“

Законското регулирање не значи дека правата на работниците се унапредуваат. Напротив, вели Савески буквално нема година од осамостојувањето без намалување на работничките права. Тврди, тоа го прави оваа конзервативна влада, но и сдсм кој идеолошки би требало да се грижи за работниците.

„Најголемото намалување на работничко право е со одредбите за штрајк, коишто се невидено строги и невидено невозможни за исполнување до точка до која скоро го оневозможуваат законски организираниот штрајк, а тоа е воведено во време на СДСМ.“

Во изминатите години во Македонија е регистриран уште една страшен податок. Секој осми ден загинува по еден работник. Познавачите коментираат дека причина за ова е преоптовареноста со многу задачи на еден работник, двојни смени и слично, што се уште некои од низата докази дека синдикатите имаат за што да се борат, наместо нивното дејствување да се сведе на пакети со храна и јубилејни коктели. Традиција наследена од некои минати времиња.