Дебата: Во Македонија воскресна фашизмот

Во Македонија сме сведоци на се повеќе фашистички идеи, навивачите извикуваат пароли и имаат фашистички симболи, притоа никој не ги казнува за тоа, како херои се слават воени злосторници кои соработувале со фашистите во Втората светска војна, владее екстремен национализам, неистомислениците се карактеризираат како предавници и се повикува на нивно елиминирање, културата е сфатена само како пропаганда, човековите права се презираат.

 Дебата: Во Македонија воскресна фашизмот

Oва се дел од карактеристиките на македонското општество во моментов, а земаат се поголеми и позагрижувачки размери, констатираа интелектуалци и активисти на денешната тркалезна маса во клубот ГЕМ на тема: „Дали фашизмот е победен во Македонија?“, објави А1он.

„Денес во Македонија ако сте комунист ќе ве прогласат за „комуњара“, ако сте десничар нема да кажат дека сте фашист, тогаш сте патриот, бранител на татковината итн. Тоа убаво може да ја нацрта воспоставената клима во која антифашистите се во дефанзива.  Мислам дека тоа денес треба да си го кажеме. Антифашистите се помалубројни, малцинство се и без оглед на тоа колку сакаат да бидат слушнати, не можат да бидат слушнати, бидејќи се под цензура.

Страшно е тоа што Македонија која била дел од земјите на антифашистичката алијанса во Втората светска војна, која дала жртви за победата над фашизмот, денес е земја која произведува фашизам“, рече Владимир Милчин.

За активистот Жарко Трајановски во поголем дел од европските земји има одреден вид на воскреснување на фашистичката, не само идеологија, туку и на движењето и ваквите партии.

„И сметавме дека е тоа интересен контекст да го поставиме прашањето дали фашизмот е победен во Македонија со оглед дека ние имаме своја историја на антифашизмот и антишистичката борба, меѓутоа, на некој начин немаме некоја историја на фашизмот во Македонија, тој дел како да сме го пропуштиле, па како да сме подзаборавиле кој се фашисти во Македонија.

Но, туку има ликкови кои што не’ потсетуваат, па во во Музејот на ВМРО, кој е поставен наспроти Музејот на Холокаустот, ја има восочната фигура на Ванчо Михајлов кој што е еден од главните соработници на фашистите, на нацистите и на Хитлер и еден од организаторите на воени единици во Егејска Македонија што заедно со СС трупите се бореа против тамошните антифашисти“, рече Жарко Трајановски.

Според Никола Гелевски она што ги одбележува историските почетоци на фашизмот во Европа е кризата на парламентарниот систем во 20-тите години на 20. век.

„Многумина тука го гледаат генераторот на фашистичката идеологија. Од една страна голема криза на парламентарниот систем и на таа почва тлее, а од другата страна на таа криза е и од друга страна кризата на капитализмот и врење на луѓето кон она што и денес нам ни се нуди денес: лесни препознавања, идентитет, група, задоволување на интереси, а сето ова го нагласувам затоа што и денес се соочуваме со речиси истите проблеми во светот и особено во Европа“, истакна Никола Гелевски.

Денешната дебата во ГЕМ  ја организираше „Фронт за слобода на изразување“. Целиот текст може да го прочитате на А1он.