Дебата во ГЕМ со познатата хрватска авторка Дубравка Угрешиќ

Еминентната хрватска авторка Дубравка Угрешиќ во сабота, на 5 април во во ГЕМ клубот, ќе биде ученик во дебата на тема „Надвор од нацијата: книжевноста помеѓу траумата и слободата“. Организатор на настанот е Фондацијата Отворено општество – Македонија, а почетокот е најавен во 12 часот.

Дебата во ГЕМ со познатата хрватска авторка Дубравка Угрешиќ

Дубравка Угрешиќ е една од највлијателните и најзначајни авторки во Европа, а за нејзиното исклучително реноме сведочат бројните награди кои ги има добивано за своите романи и есеи.

Во 80-тите години, Угрешиќ беше носителка на феминистичкиот бран на просторите на поранешна Југославија, а нејзината хероина Штефица Цвек од книгата „Штефица Цвек во вилиците на животот“ стана своевидна културна икона. Поради цврстиот антивоен и антинационалистички став кој го зазема во 1991 година, на почетокот на војната во поранешна Југославија, авторката беше „осудена“ од хрватските медиуми и јавни личности. Агресивниот линч врз нејзиниот лик и дело ја принудуваат да ја напушти сопствената татковина и да замине за Амстердам каде што живее и денес. Нејзиниот удел во модерната европска литература е огромен и важи за една од најдобрите, но и најпремолчуваните хрватски писателки.

Со своите романи („Музеј на безусловното предавање“, „Министерство на болката“, „Баба Јага снесе јајце“) и есеистички книги (од „Култура на лагата“ па сè до последната „Европа во сепија“), Угрешиќ останува во врвот на европската литература, задржувајќи го вниманието на публиката како брилијантна критичарка на посттоталитарните општества. Таа е луцидна и субверзивна авторка која, слично на Набоков, потврдува дека способноста да се памети е начин да се спаси нашиот морален идентитет. Слично на другите големи автори на егзилот во 20. и во 21. век, нејзините рефлексии и перцепции за културата и културната меморија се некои од најоригиналните што воопшто можат да се прочитаат.

Во рамки на дебатата во Скопје ќе бидат опфатени повеќе теми кои таа ги разработува во своите есеи напишани во последните седум години. Тука секако спаѓаат темите за уметникот во тоталитарните култури, родовите и националните идентитети, „малите“ и „големите“ книжевности, насилството на „нацијата“, исчезнувањето на концептот на „авторот“ итн.

Домаќин на дебатата ќе биде Маја Бојаџиевска, универзитетска професорка и претседателка на Управниот одбор на Фондацијата Отворено општество – Македонија.