Дебата во ГЕМ и Корзо пред ГТЦ – настани пред референдумот во Центар

Дебата на тема „Зошто треба да го одбраниме ГТЦ“ ќе се одржи во петок (17 април), со почеток во 19 часот, во ГЕМ клубот во Стара чаршија. Еден час подоцна, пак се организира „Корзо пред ГТЦ“, во паркот Жена Борец.

Дебатата, според најавите на организаторот Фондацијата Отворено општество – Македонија, ќе ги отвори прашањата и ќе понуди одговори за неопходноста од реализирањето на правото на град.

„Ќе дебатираме за можностите за иманентно граѓанско учество во неговата меморија, сегашност и иднина, како и за остварување на правото на град. Ќе го анализираме постоењето на ГТЦ како нераскинлив дел од идентитетот на градот и на неговото градителско, историско и културно наследство. Ќе се осврнеме на ГТЦ како архитектонски, но и како урбанистички проект кој треба да одговара меѓу другото и на потребата за естетика на урбаниот простор“, се наведува во најавата за настанот.

Говорници ќе бидат Никола Наумоски од Плоштад Слобода, Никола Гелевски од Окно и Дејан Ивановски од Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Модератор ќе биде Искра Гешоска од Контрапункт.

Еден час подоцна, во 20 часот, од Иницијативата „Го сакам ГТЦ’“ подготвуваат настан „Корзо пред ГТЦ“, на платото на ГТЦ кон парк Жена – Борец, а со легендата Драган Б. Костиќ зад диџејскиот пулт.

Овие настани се организираат во пресрет на најавениот референдум на 26 април, на кој жителите од општина Центар ќе се изјаснуваат дали сакаат да се зачува автетичниот лик на Градскиот трговски центар.