Институциите се нетранспарентни за трошењето државни пари. На ова веќе познато, аналитичари додаваат уште два проблеми. Граѓаните малку се интересираат за јавните трошења, но и новинарите ретко вршат притисок податоците да излезат на виделина. За тоа дали транспарентноста и отчетноста не ни се јака страна, се разговараше на последната дебата на Диверзити медиа која се пренесуваше во живо на Радио МОФ.
На македонската влада ѝ требаа неколку години за да објави колку чини проектот „ Скопје 2014“. Ако извршната власт треба да биде модел на другите, тогаш е јасно зошто тешко се доаѓа до информација како ги троши парите на граѓаните и најобично јавно претпријатие.
Новинарката Снежана Лупевска објаснува зошто е ваква состојбата:
„Взаемна е вината и кај медиумите и кај нетранспарентните институции затоа што ако никој не ги притиска и ако никој не сака да дознае тие немаат и зошто да дадат отчетˮ.
Лупевска објаснува како упорноста на новинарите да дојдат до одговори за трошењето народни пари, ќе ги мотивира обичните луѓе:
„Ние мора да ја кренеме јавната свест како медиуми и да им укажеме на граѓаните дека тие треба да бараат отчетност. Освен што е наша работа, секој граѓанин има право да знае колку пари и за што дава во буџетотˮ.
Но, и во отчетноста има финеси, забележува економскиот аналитичар Висар Адеми.
„Граѓанинот не може да биде експерт по економија и да дефинира, на пример, колку чини проектот „Скопје 2014“ ако вие не му објасните дека хонорарот на уметникот чинел толку, директните трошоци се толку и да има назнечено по ставки за да може граѓанинот да биде задоволен од тоа што Владата го сервира како информацијаˮ.
Сомнителноста, според него, се зголемува и со една алатка што ја користи државата во капиталните инвестиции последните години.
„Затоа сега има анекс договори. Затоа што на првиот договор имате друга сума и после со анекс договори се покрива делот кој што е многу сомнителен. Сомнителни се тие анекс договори затоа што во четири очи се договораат на пример Владата и уметникот во делот на споменициˮ.
Најсликовит пример е стариот „новˮ театар. Со измените на договорот за градба од првично предвидените шест милиони евра, на крајот достигна сума до 39 милиони евра.
За да ги провери сомневањата, новата власт во Општина Центар ангажираше ревизорски тим кој го чешлаше контроверзниот проект во Скопје. Еден од нив е и поранешниот член на Антикорупциската комисија, Драган Малиновски.
„Суштината е што ние во одредена фаза од постапката наидуваме на формално воспоставени системи за спроведување на постапки за спроведување јавни набавки, механизми. Меѓутоа кога ќе навлезете малку подлабоко ќе забележите дека тоа е само создавање на привид дека имате почитување на процедуритеˮ.
Лупевска вели дека ревизорскиот извештај ќе има основа за споредба.
„После толку години Владата излезе на прес конференција и даде податоци во однос на трошоците што јас ќе го оценам како позитивно во смисла на тоа што сега се прави ревизија од страна на општина Центар и ревизорите сега точно ќе можат да споредат какви бројки добиле од Владата, а какви бројки ќе откријат и тие и тоа да го дадат на увид на јавностаˮ.
Конечните наоди на ревизијата, допрва ќе бидат објавени. Генерално работите околу јавноста на јавните трошоци сепак се чини мрдаат од мртва точка. Фондацијата Фокус разви софтверско решение за вклучување на граѓаните во работата, отчетноста и транспарентоста на четири локални самоуправи – Велес, Лозово, Чашка и Градско.
Извршната директорка Весна Шкортова пренесува искуство:
„Веќе еден позитивен пример од општина Велес којшто го забележуваме. На нивната Фејсбук страница веќе може да се види конкретна реализира активност со вкупне износ на средства и од која буџетска програма се искористениˮ.
Но не одело сè така лесно. Вели дека на почетокот институции одбивале да им дадат информации за локален буџет со образложение дека граѓаните се доволно информирани за тоа што го работи општината.
„Вториот пример се случи да после подолго време на соработки бидеме обвинети дека премногу сакаме да знаеме, зошто тоа ние толку информации бараме, зошто не интересира буџетот, дали сме нечии шпиониˮ, вели Шкортова и заклучува дека ова е долг пат којшто ќе треба да го поминат сите за да научат што значи транспарентност.
Времињата се менуваат, но, приказната за тоа каде се парите во Македонија се тема која трае вечно. Кабинетот на Груевски кој е на власт од 2006 година направи суштинско поместување. Ако во деведесеттите нашиот менталитет беа скромни буџети, само да се преживува поради кризите од сите страни, сега е сменет во менталитет на трошење, оценува Адеми.
Така ќе биде сè додека има од каде да се финансираат проектите. Ребалансот за годинашниот буџет е заглавен во амандмани, државата каса за догодина допрва ќе се гласа во Собрание.