Дебата по повод пет години постоење на Центарот за истражувачко новинарство „Скуп“

Центарот за истражувачко новинарство „Скуп“„деновиве одбележува пет години постоење. По тој повод, утре (петок, 25 март) во ЕУ инфоцентарот во Скопје, се организира дебата за истражувачкото новинарство, на која ќе учествуваат новинарите Сашка ЦветковскаМери Јордановска и Љубиша Арсиќ, професорката од Студиите по новинарство на Правниот факултет Јасна Бачевска, Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации и Слаѓана Тасева од Транспарентност-Нулта корупција.

„Кога во 2011 година се роди СКУП како Центар за истражувачко новинарство, медиумскиот амбиент во Македонија беше изложен под силен политички притисок. Извештаите на меѓународните организации беа преполни со загрижувачки тонови поради затворањето на неколку медиуми кои критички ја опсервираа власта, притисокот врз новинарите растеше, додека самоцензурата ја загушуваше слободата на изразување. Земјата беше ставена во групата на „делумно слободни“ во однос на медиумските слободи, што претставуваше големо назадување во споредба со претходната година.

СКУП се роди во непогоден медиумски амбиент со амбициозна мисија за транспарентни институции, нулта корупција и демократска Македонија. Поаѓајќи од искуството стекнато во претходниот заеднички проект со Данското здружение за истражувачко новинарство, и со помош на искусни колеги од демократските земји, точно на 22 март 2011 СКУП во Македонија продолжи со поддршка на истражувачкото новинарство како регистриран правен субјект.

Сега кога СКУП полни 5 години, во Македонија се повеќе читаме квалитетни истражувачки стории, се повеќе се говори за истражувачкото новинарство додека институциите се повеќе се соочуваат со притисокот да бидат транспарентни во нивната работа. Како организација сме горди што сме го дале нашиот мал придонес кон ова демократизирање на земјата, што ни дава дополнителен мотив да продолжиме да работиме поинтензивно во исполнување на нашата мисија“, велат од Центарот за истражувачко новинарство.