Дебата на Диверзити Медиа: „Декадата не им помогна на Ромитеˮ

„Декадата не им помогна на Ромитеˮ е темата на новата, осма по ред радио – дебата на Здружението Диверзити Медиа од новиот проект „Дебатирањето менуваˮ. Таа ќе се одржи утре (5 ноември) од 13 до 14 часот, во живо на Радио МОФ.

Дебата на Диверзити Медиа: „Декадата не им помогна на Ромитеˮ

На темата ќе дебатираат Сејнур Шаиновски од Здружението Национален Ромски Центар (НРЦ) од Куманово, Ашмет Османовски, член на Советот на општина Куманово и Рамо Рушидовски, новинар.

„Ова е една од четирите радио – дебати што ќе се организираат во градови низ Македонија, кои се дел од циклусот 12 радио – дебати на различни теми кои што се емитуваат секој вторник, од 13 до 14 часот, на нашиот партнер – поддржувач Радио МОФ, во периодот од септември до декември годинава. Радио МОФ и ИДЕА Југоисточна Европа се партнери – поддржувачи на Диверзити Медиа во овој проект, финансиран од Националниот Фонд за Демократија од Вашингтон (National Endowment for Democracy (NED))“, соопштуваат од Диверзити Медиа.

Диверзити Медиа ќе објавува и анализи од секоја радио – дебата. Тие ќе може да ги следите секој четврток на http://diversitymedia.mk/.

Партнерот – поддржувач ИДЕА Југоисточна Европа пак, ќе се погрижи да ја „фатиˮ атмосферата на секоја радио – дебата и да овозможи видео записи од секоја од нив. Тие ќе бидат достапни на http://idebate.org/ и на http://diversitymedia.mk/

Од Диверзити Медиа велат дека недостигаат конструктивни дебати помеѓу политичари, академици, интелектуалци, студенти и млади професионалци.

„Тоа можеби е така бидејќи земјава во последните неколку години се соочува со ситуација на подвоено општество и поради присуството на страв дека е многу негативно да се биде критичен. Затоа, решивме малку да ги „поттурнемеˮ работите. Да им дадеме можност на дебатите. Согласно нашата цел и стратешка задача како организација која ја промовира различноста и се залага за развој на медиумите во Македонија, посебно на радиото како медиум, одлучивме битката на јасната, критичка, „ЗАˮ и „ПРОТИВˮ мисла да ја водиме токму на радио“, велат од здружението.