Судиите имаат двојни аршини за клеветата и постои загрижувачки драстична разлика во работењето на судот кога станува збор за процеси во кои како странки се јавуваат политичари и државни функционери, наспроти случаите кога нема нивна инволвираност, констатира последниот мониторинг на Центарот за развој на медиуми.
ЦРМ во периодот од 15 јуни до 15 октомври ги мониторирал судските постапки поведени според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета. Следени се 44 судски предмети во околу 60 рочишта, но досега правосилно се завршени само два предмета: Сашо Мијалков против новинарите од Фокус и Топлификација против Роберт Поповски.– Од анализата на правосилната пресуда Мијалков против Фокус може комотно да заклучиме дека постапувањето на судот е различно каде што се јавуваат функционери. Во оваа пресуда може да видиме дека судот постапува различно во однос на другите односно не го гледа јавниот интерес, потоа можам да кажам дека недоследно ја применува праксата на Судот за човекови права во Стразбур. За надоместоците судот воопшто не водел сметка дека со вака утврдените надоместоци се предизвикува оладувачки ефект врз истражувачкото новинарство како и врз слободата на изразување воопшто, истакна авторот на мониторингот, Владимир Медарски на денешната дебата насловена „Навредата и клеветата – јамка за слободата на изразување?“.
Според ЦРМ, постоењето на јавниот интерес за објавување на текстот е несомнен, затоа што се работи за носител на јавна функција, која поради многу фактори е една од најзначајните и највлијателните во Македонија.
„Објавувањето текст во кој се зборува за постапувањето на Директорот на службата за државна безбедност, начинот на кој тој ги користи своите права и овластувања, како и начинот на кој државата се позиционира во спорот за старателството врз детето на тужениот Игор Илиевски, екс-амбасадорот во Република Чешка, е неспорно прашање од јавен интерес и тоа судот требало да го констатира“, се вели во извештајот на Центарот за развој на медиуми.
Уредничката на магазинот „Фокус“, Јадранка Костова вели дека за оваа пресуда веќе поднеле вонреден правен лек до Врховниот суд, бидејќи планираат да одат и до судот во Стразбур.
„Многу се каам што во процесот што Антонио Милошоски го водеше против мене како новинар не отидовме во Стразбур. Таму имаше една апсурдна пресуда во која судијата констатираше дека министерските души болат подлабоко и дека честа им е поголема. Морам да го споменам случајот кога ГЕМ поднесоа тужба против Ставрески бидејќи тој на прес-конференција кажа дека работеле на уривање на уставниот поредок. Ова според судот си е во ред, па уште Героски и колегите требало да му ги надоместат трошоците на Ставрески. Понатаму, група новинари го тужеа „Вечер“ зашто објавија дека наводно зеле пари од Грција за да лобираат за промена на името. Ни извор, ни документи. Во овој случај, имало клевета, имало навреда, ама судот утврди дека немало автор, па така колегите изгубија 4-5 години во судските лавиринти, за да излезе дека сите сме еднакви, ама некои се поеднакви од другите“, рече Костова.
Уредникот на дневниот весник „Слободен печат“ и на порталот „Плусинфо“, Бранко Героски рече дека Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда воопшто не ги исполни целите ниту на законодавецот, ниту на новинарските здруженија што го поддржаа, туку донесе многу последици. Според него, наместо да се намали клеветењето, општ впечаток е дека во Македонија никогаш повеќе не се навредувало, клеветело и не се користел говор на омраза отколку денеска.
„Скриената смисла на овој закон е идејата да се нанесе штета, да се цензурираат и да им се изврши економски притисок на медиумите кои не ѝ се по волја на власта“, рече Героски кој побара новинарските здруженија да започнат иницијатива за промена на законот и десеткратно намалување на казните.
Адвокатката Нани Јансен од МЛДИ, организација која обезбедува правна помош на новинарите истакна дека е потребна многу поголема толеранција за критиките кон Владата и сите функционери и јавни служеници.
„Дури и кога има клевета, тоа треба да биде пропорционално. Судот јасно констатира дека не треба само да се гледаат оштетувањата и компензацијата на надоместокот, туку треба да се земе во предвид и индивидуата. Илјада евра не се многу големи пари за некоја медиумска куќа но за индивидуалец репортер, тоа се многу големи пари. Треба да се има во предвид дека многу од изјавите можеби биле со клеветна вредност, но ако казната е премногу голема тогаш тоа значи попречување на правото на говор“, рече Јансен.
Од ЦРМ предупредуваат дека токму двојните аршини во постапувањето на судиите, целосната неоснована заштита на честа и угледот на функционерите и непочитувањето на Европската конвенција и праксата на судот во Стразбур, сериозно ја загрозуваат слободата на изразување во Македонија и го наметнуваат прашањето за независноста на судската власт во земјата.
K.O.