Дебата: Лобисти и медијатори во рамка без слика

Лобирањето и медијаторството во Македонија бавно фаќаат корен. Тие се законски регулирани, но ниту граѓаните ниту институциите не знаат колку се од корист, оценуваат експерти во овие области. Првото се сфаќа како давање рушвет, другото губи поради тоа што не е задолжително во судските спорови. Европската и светска практка е поинаква. Лобистите се важна алка во бизнис-политичките центри. Лидери во медијација се Американците. На оваа тема беше третата дебата од серијата „Дебатирањето менува“, која се емитува во живо на Радио МОФ, секој вторник.

Дебата: Лобисти и медијатори во рамка без слика

„Посредникот во грчко-македонскиот спор Метју Нимиц ќе го решеше спорот за името за еден месец ако имаше љубов од двете страни. Исто е и со медијаторството во Македонија“, оценува претседателот на Комората на медијатори на Македонија Зоран Петковиќ – Бакли, кој посредува во трговски и граѓански спорови како алтернатива на судските процеси. Тој објаснува дека ефектите засега се мали оти има интерес само кај оние што се оштетени или тие што имаат побарувања.

„Посебно последниот проект во општина Аеродром, за три месеци дојдоа осумдесет до сто граѓани што сакаат медијација. Но, не можеме да го донесеме должникот, односно тужениот на медијација. Вкупно 90 проценти не одговараат на поканите, вели Петковиќ. “

Главната причина за ова, според него, е бавното судство.

„Предметите траат 3-4 години. Должникот има комодитет. Сè додека правниот систем и правната држава така функционира, нашиот народ сигурно ќе има интерес да оди на суд“.

Во Македонија медијаторството не е задолжително, па и тука треба да се бараат дел од причините зошто постои тој комодитет.

„Кога во Америка не можел да се развие доброволниот концепт, имале 10 години ваков концепт. Но, тие се попрактични и го смениле концептот. Тоа треба и нашата држава да го направи“.

Ако медијаторството е важно во кризни ситуации, лобирањето е клучно во рана фаза, ја објаснува врската на овие две професии во зародиш, Зоран Јанакиев, македонски лобист во Европската Унија.

„Во национален контекст лобирањето најчесто се третира како „наоѓање врски“ или нудење рушвет под маса за да се оствари некаква цел, но тоа не е така. Особено во Брисел и Вашингтон лобирањето е регулирана материја која веќе прераснува во комплетна наука“.

Прилагодување

Јанакиев посочува дека лобистите играат голема улога кога одредени интереси треба да се преточат во законско решение. Во држави каде што некоја компанија го движи економскиот раст, регулативата се прилагодува на нејзините барања и без лобисти. Но, во Брисел не е така, вели Јанакиев.

„Кога станува збор за европски интереси и работа на поголема територија, значи во Европска Унија, која било корпорација нема доминантна улога и мора да лобира преку легалниот институт лобирање да се случи промена на одредена регулатива во функција на нивниот бизнис“.

Душко Арсовски

Слушнете ја целата дебата на Diversity media production, која беше емитувана во живо на Радио МОФ:

Lobisti i medijatori vo ramka bez slika by Diversity Media on Mixcloud