Дебата: Критичката педагогија наместо педагодија на потчинетиот

Критичка расправа на тема „Критичката педагогија наместо педагогија на потчинетиот“ќе се одржи вечерва во Младинскиот Клуб во Скопје, со почеток во 17:00 часот.

Учесници во дебатата се Гордана Попсимонова, Небојша Вилиќ, Дарко Стојанов, Лени Фрчкоска, Владимир Делов. Модератор е Ана Арсеновска Зафирова.

„Сведоци сме на бескрупулозната нарација за тоа како „знаењето е моќ“, како „знаењето е сила“. Тоа не зборува ниту за просветителски светоглед кај оние кои ја пласираат ваквата идеја, ниту, пак, за грижата за создавање граѓани кои ќе можат навистина да го сфатат општествениот систем во кој треба да дејствуваат. Напротив, ваквата „флоскула“ и сето она што следува и се крие зад неа, укажува на целосна игноранција, незнаење во однос на тоа што знаењето треба да биде и да понуди“, стои во најавата за настанот.

Целта е преку дебата да се испита моделот на критичко образование базирано врз критичко мислење , но и врз критичка интервенција во општествената реалност.  Образовниот процес кој почива на начелата на критичката педагогија се залага за стекнување на знаења кои ќе придонесат за сензибилизација околу неколку клучни прашања поврзани со демократијата: политиката на репрезентација на расата, родот, сексуалноста, класата и останатите културни разлики со цел да се зајакне критичкото мислење и критичкото дејствување.

Настанот го организираат Контрапункт – асоцијација за развој на критичка теорија, социо-културен активизам и современи критички практики и Есперанца – светски културен центар, во рамки на својот развоен долгорочен концепт за Поттикнување култура за критичко мислење, читање и пишување.