На дебатата “Кој ја плаќа сметката? Цената на нееднаквоста“, која се одржа во Јуроп хаус Скопје, претставници на граѓанскиот сектор, академијата и бизнис заедницата разговараа за структурните економски недостатоци со кои се соочуваат жените во Северна Македонија и финансиското влијание на родовата нерамноправност врз општеството.
Настанот, беше и почеток на кампањата „Носи ја промената“ и националното роудшоу. За време на дискусијата, говорниците се фокусираа на економските последици од родовата нееднаквост низ целиот животен циклус, од образованието и влезот на пазарот на трудот до кариерниот развој, претприемништвото, грижата за семејството и пензионирањето.
Според Бен Нупнау, вршител на должност амбасадор на Делегацијата на Европската Унија, рамноправноста помеѓу жените и мажите не е само заедничка вредност, таа е неопходна за да се градат општества кои се поправични, посилни и попроперитетни за сите граѓани.
Панел дискусијата се осврна на фактот дека родовата нерамноправност, иако често се третира како социјално прашање, претставува и системска економска нерамнотежа со мерливи финансиски последици. Учесниците разговараа за тоа како нерамноправноста влијае врз животните приходи на жените, пензиската сигурност, стабилноста на домаќинствата, конкурентноста на бизнисите и економскиот раст на државата.
Панелот обедини различни перспективи и беше модериран од Кристина Хаџи-Василева, консултантка за стратешки развој. Панелистки беа Никица Кусиникова од КСО Конект, Биљана Петровска – Митревска од НАФ и Македонка Димитрова, универзитетска професорка и претприемничка.
Дискусијата се осврна на економската цена на родовата нерамноправност, вредноста на неплатениот труд за грижа и последиците од родовиот јаз во платите и прекините во кариерата. Учесниците разговараа и за структурните бариери што го ограничуваат економскиот напредок на жените, како работната култура, пристапот до грижа за деца и нееднаквата сопственост на имот, како и за улогата на законодавството и корпоративните стандарди во намалување на овие разлики. Дебатата заврши со осврт на можни решенија и одговорностите на институциите, бизнис секторот и општеството.
Настанот исто така го одбележа почетокот на кампањата „Носи ја промената“ (Wear the Change), годишна иницијатива предводена од Јуроп хаус, Делегацијата не Европската Унија и амбасадите на земјите членки на ЕУ. Кампањата го става фокусот на структурната нерамноправност и тежината на неплатениот труд што го носат жените.
Фото: Europe House – Skopje



