Дебата: Јавните сервиси во екс-Југославија се разликуваат само во нијанси

Дебата: Јавните сервиси во екс-Југославија се разликуваат само во нијансиНезависен јавен радиодифузен сервис се уште е невозможна мисија на Балканот, произлегува од денеска одржаната дебата организирана од НВО-инфоцентарот и од Центарот за развој на медиуми, на која покрај Македонската радиотелевизија, предмет на анализа беа и јавните радиодифузери од Хрватска и од Словенија, благодарение на гостите од овие две земји.
Во анализата на работењето на програмите на МРТ, изготвена од организаторите на дебатата за периодот од септември 2012 година до јануари 2013, домашниот јавен сервис е окарактеризиран како „инструмент на власта кој не си ја врши интегрирачката функција, а на кој доминира забавна и странска програма, за сметка на домашната продукција“.
„МРТ не ги исполнува во целост своите функции, а во одредени ситуации, особено после 24 декември (кога беа исфрлени од Собранието новинарите и пратениците на опозицијата), станува директен актер и инструмент на власта. Програмата е оптоварена со владините рекламни спотови, и со соопштенија од државните институции, поради што наликува на телевизиска огласна табла“, истакна претставникот на НВО-инфоцентарот, Билјана Бејкова.

Извршниот директор на Центарот за развој на медиуми, Роберто Беличанец, се осврна на економското работење на МРТ, подвлекувајќи дека и покрај подобрената ситуација со наплатата на радиодифузната такса, Владата сеуште се јавува како значен финансиер на јавниот сервис, загрозувајќи ја неговата независност.

Беличанец, врз база на повеќе документи од работењето на МРТ, заклучил дека во јавниот сервис не постои правилник за плати, правилник за финансиско работење, ниту пак терк за договор како се влегува во копродукција со куќата.

За ситуацијата со Радиотелевизија Словенија говореше експертот за медиуми од љубљанскиот универзитет, Марко Милосављевиќ, кој истакна дека и покрај тоа што словенечката влада учествува со многу мали донации во финансирањето на тамошниот јавен радиодифузер, сепак таа има начин да создаде однос на зависност:

„Владата одлучува колкава ќе биде радиодифузната такса од која Радиотелевизија Словенија се финансира. Така, кога лани ја намали таксата од 12 на 11 евра, што беше мерка со која граѓаните не добија никакво реално олеснување, со тоа се намалија и приходите на јавниот сервис за околу 8% што е значајно намалување“, рече Милосављевиќ.

Извор: Капитал