Дебата: Говорот на омраза не се санкционира

Дебата: Говорот на омраза и повиците за насилство не се санкционираатИнституциите ги игнорираат зачестените повици за насилство и говорот на омраза насочени кон ЛГБТ популацијата, коментираат дел од учесниците на дебатата за дискриминацијата и говорот на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.

На дискусијата, која е дел од програмата на „Неделата на гордоста“, присуствуваа повеќе граѓански организации, активисти, новинари и претставници на Парламентот.

Пратеничката на ДОМ, Љиљана Поповска ги осуди настаните од саботата, кога група маскирани лица го нападна ЛГБТ Центарот и истакна дека е необично што постои нетолеранција кон лицата од ЛГБТ заедницата, ако се знае дека во Македонија луѓето секогаш биле толерантни кон различните, во поглед на верата или етничката припадност.

„Сите ние сме луѓе и треба да се почитуваме меѓу себе без разлика на различностите а институциите треба да бидат способни да ги решаваат проблемите на цивилизиран начин“, рече Поповска.

Директорката на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска рече дека последниот напад врз Центарот се разликува од претходните, зашто овој пат се случил во присуство на луѓе, што значи дека нападот бил со намера тие луѓе да бидат повредени.

„Вчера доживеавме тотален молк од сите институции на системот. Тоа значи легитимирање на насилството и на злосторствата од омраза. Нашето законодавство се уште не може да одговори на потребите и да ги заштити жртвите на злосторствата од омраза“, рече Пировска.

За зголемување на дискриминацијата врз ЛГБТ луѓето во голема мера придонесуваат и непрофесионалните и неетички прилози од страна на одредени медиуми, истакнаа дел од новинарите.

Претседателката на новинарскиот синдикат, Тамара Чаусидис вели дека говорот на омраза е се повеќе присутен во медиумите.

„Новинарството во Македонија како критична мисла во јавноста е поразено и мора да се соочиме со тој факт. Наместо во одбрана на замолчаните и понижените, новинарството стана продолжена рака на силата и ароганцијата на системот“, рече таа.

„Неделата на гордоста’’ која вклучува повеќе настани, дебати и филмски проекции поврзани со различни прашања кои се од интерес на ЛГБТ луѓето во Македонија е во организација на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ и „ЛГБТ Јунајтед“ во соработка со ЛГБТИ центарот за поддршка и „ЛезФем“.