Дебармаалци до Жерновски: Монтажната гаража е за нови возила, или за да се тргнат постоечките од тротоарите?

Од иницијативата „Во одбрана на Дебар Маало“ велат дека одлуката на општината за изградба на монтажен паркинг што би го решил проблемот со блокираните троторари и сообраќајниот хаос е како „ханзапласт на отворена фрактура на потколеница“.

„Инсистираме дека мора да се изработат научни студии и стратегија за развој на маалото на кои ќе бидеме консултирани, мора да одговори на нашите анкетни забелешки и мора да престане со издавање дозволи за градба додека не се установи фактичката состојба“, велат од иницијативата.

Тие го поздравуваат напорот на градоначалникот Андреј Жерновски да ги согледа нивните проблеми, но прашуваат:

„Дали новата гаража е место за нови возила или за ист број само тргнати од тротоарите?“

Во понеделникот, повеќе жители на Дебар маало со мирен протест побараа возилата да се вратат на коловозот, а луѓето на тротоар. Тие се револтирани од тоа што нема каде да се движат од хаотичниот сообраќај и неконтролираното градење во маалото.

Одговорот на Општина Центар беше дека наскоро ќе биде поставен монтажен паркинг помеѓу општината и Министерството за одбрана, со влез и излез од улицата „Орце Николов“. Паркингот ќе обезбеди место за 270 до 290 возила. Дополнително, пред да се постават заштитни столпчиња на сите улици и се поврзат во целосна пешачка мрежа, од општината информираа дека ќе се изработи студија за мерење на сообраќајот и проекција за потребниот паркинг простор за резидентите. Од оваа студија, велат тие, ќе се подготви решение за целиот кварт.