Деа Балкански ја промовираше својата прва стихозбирка „All my good, all my bad, all my life“

„All my good, all my bad, all my life“ е книга на младата Деа Балкански, која беше промовирана викендов во Неготино. Деа е средношколка од Неготино, а ова е нејзината прва издадена стихозбирка. Се работи за стихозбирка на англиски јазик поделена во три поглавја: The good, The bad и The life и содржи шеесетина песни.

„Книгата ја пишував помалку од два месеци и морам да кажам дека се изненадив од самата себе како стиховите лесно излегуваа од мене. Според мене поезијата во нашата држава е малку занемарена и се надевам дека ќе и дадете шанса на мојата стихозбирка, малку поразлична од она што е секојдневното и ќе уживате во неа.“ – вели авторката.

Таа вели дека е инспирирана од сè што ѝ се случувало во животот, но најмногу од луѓето во него, а и оние од нејзината фантазија. Животните случки вели дека се нејзина непресушна инспирација.

„Некои настани беа добри, а некои не, но сите беа добра инспирација за да се преточат во стихови. Додека пишував сакам и луѓето да ја почувствуваат и мојата среќа и мојата тага и секако да се пронајдат барем во една поема. Кај нас луѓето не ја ценат поезијата, па затоа таа не ја ужива славата што ја заслужува. Поезијата лекува, а како тоа да не е заприметено од луѓето кај нас кои цело време талкаат во своето сивило и не пронаѓаат начин да си го обојат својот свет. Јас ја пронајдов поезијата и таа ме пронајде мене. Сега кога веќе излезе мојата книга јас се изненадив што сепак постојат и оние коишто го ценат трудот кој е потребен да се издаде една книга“, додава младата авторка.

За разлика од многумина, за неа процесот на издавањето на книгата не бил тежок бидејќи имала голема помош од нејзината рецензентка која и самата веќе има издадено три книги.

„Треба само да се пронајде вистинската издавачка куќа која е отворена за соработка со вас“, порачува Деа .

Елена Тимова