Дарковска-Серафимовска: Регулативата за канабис овозможува конкурентност на пазарот и ограничува негова злоупотреба

Со измените на Законот за опојни дроги и психотропни супстанции во целост се регулираше употребата на препаратите на база на канабис исклучиво за медицински цели, со цел да се овозможи достапност до овие производи со строго контролиран (проверен) состав по легален пат. Законот е доволно флексибилен и овозможува конкурентност на пазарот од една страна, и во исто време ја ограничува (оневозможува) злоупотребата на истиот, вели за Радио МОФ директорката на Агенцијата за лекови и медицински средства (Малмед), Марија Дарковска-Серафимовска.

Овој одговор на Дарковска-Серафимовска доаѓа по скоро цела недела откако испративме прашања во однос на иницијативата и барањето на ХОПС да се направи нов, одвоен закон за медицинска употреба на канабис, а не да биде дел од Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции. Бидејќи со ваквата поставеност на работите, односно  регулирањето на канабисот во постоечки Закон, според ХОПС, единствено придонесува за стигматизирање на лекот.

Повеќе организации реагираа и ја споменаа и нужноста да се прошири листата на болести (ХИВ, епилепсија, рак и мултиплекс склероза) за кои би се пропишувало маслото/екстракт од канабис, а директорката на Агенцијата тврди дека и тоа поле е отворено за работа.

„Токму затоа и листата на болести (индикации) за кои има оправданост за употреба на препаратите од канабис во медицински цели е наведена во Правилникот, не во Законот, за да се овозможи полесно воведување на нови индикации доколку за нив има соодветни научни сознанија и  позитивни искуства од употребата“, потенцира Дарковска-Серафимовска.

ХОПС побара да се отвори сегмент во законот со кој луѓето самите би си го одгледувале, или подготвувале лекот за сопствена употреба. Истовремено, за оние што не сакаат или нема да бидат во можност, да се најде друг начин – да се стави лекот на позитивна листа. Предлогот беше Фондот за здравствено осигурување да ги покрие трошоците за лекување со коноп најмалку за хроничните болести, односно за тие состојби лекарствата да не бидат на терет на пациентите. Организацијата напомена дека направиле истражување и ја споменаа Канада како позитивен пример, за каде беше речено дека имаат многу либерално регулирање на канабисот. Таму не постои ограничување на здравствените состојби за кои може да се препишува, и тоа не само маслото, туку било кој препарат од канабис.

Директорката на Малмед на ова прашање нагласува дека во Законот за опојни дроги и психотропни супстанции е дефинирано дека со одгледување и преработка на канабис може да се занимаваат само правни лица, со цел, како што вели, да се спречи злоупотребата.

„Идејата на легализацијата на канабисот одеше исклучиво во насока на граѓаните да им се овозможи достапност на овие препарати по легален пат (да не се соочуваат со законот) и истите да бидат со контролиран и проверен состав“, напоменува Дарковска-Серафимовска.

Во однос на барањето Собранието на РМ итно да ги укине одредбите од Законот со кои се криминализира поседувањето на канабис за препарати или лична употреба, директорката не знае за каква точно иницијатива станува збор, но нагласува дека „согласно измените во Законот за опојни дроги и психотропни супстанции, не е криминал да се поседуваат овие препарати набавени по легален пат (аптека) со рецепт за лична употреба на пациентите“.

Инаку, од ХОПС претходно рекоа дека истражувањето што го правеле само потврдило дека е потребен посебен и посоодветен закон кој ќе придонесе за поголема достапност на лекот до оние кои им е најпотребен. Испитувале како се применува во пракса законот, преку здравствените работници – онколог, психијатар, токсиколог, претставник од Меѓусесорската комисија за дроги, но и пациентите кои го употребуваат маслото од канабис.

„Ставот и на едните и другите е генерално усогласен во однос на недостапноста и невозможноста на лекот. Пред се’ поради високите цени, потоа несоодветните концентрации ТХЦ и ЦБД во самото масло, но и поради ограничувањето на здравствените состојби за кои што е достапно. Законот е предвиден за само четири болести, но, сепак, моментално на пазарот имаме масло единствено за рак, а останатите луѓе, како и досега, продолжуваат лекот да го земаат на црниот пазар, или самите да го произведуваат“, рече Воскре Наумовска Илиева од ХОПС.

Б.Ш.