Дарко Бркан: Младите се носители на протестите во БиХ бидејќи веќе нема што да изгубат

Дарко Бркан е активист од Босна и Херцеговина, основач и речиси 12 години претседател на здружението „Зошто не“ кое промовира цивилен активизам, бара транспарентност од владата и работи на теми поврзани со дигиталните медиуми и демократијата.

Токму дигиталниот активизам и употребата на социјалните мрежи во будење на граѓанската свест беа главна тема на неговата работилница за време на конференцијата „е-општество: Млади и медиуми“ која викендов се одржа во Скопје. За Радио МОФ тој зборува за протестите во Босна и Херцеговина, за бесперспективноста на младите, но и за потребата од промени во ова општество.

Дарко Бркан: Младите се носители на протестите во БиХ бидејќи веќе нема што да изгубат

Фото: Ванчо Џамбаски

Колку  е развиен активизмот во Босна и Херцеговина, дали луѓето стануваат свесни за своите права?

Мислам дека во овој момент работите се менуваат бидејќи во последно време се покажа дека постои начин граѓаните да влијаат на водењето на политиките, барем во некои екстремни ситуации . Мислам дека такви ситуации и треба да се случат барем за се создаде заедничко разбирање помеѓу оние кои ги водат политиките и граѓаните. Тоа е единствен начин за да постои граѓанска контрола, посебно во општеството какво што е босанското. Другите општества имаат други демократски механизми, но кај нас, се чини треба да се случат некои ситуации за да се создаде демократска контрола на зедницата врз политиката.

 Дали е тешко да се натераат луѓето да реагираат на проблемите?

Дарко Бркан: Младите се носители на протестите во БиХ бидејќи веќе нема што да изгубатТоа е секако најтешко. Всушност можеби и не е толку тешко ако може да се препознае моментот, а тоа не се случува секој  ден. Прво треба да знаете да ја изберете темата на која луѓето сакаат да реагираат. Второ и можеби најважно е на луѓето да им се објасни дека постои некоја, барем и најмала шанса за да се оствари она кое тие го бараат и на што се посветуваат, независно дали со обично „лајкање“ на Фејсбук или со излегување на протест. Тие мора да увидат дека тоа што го прават ќе ги промени работите, или барем да видат дека има некаква шанса тоа да се случи.

Сите зборуваат дека луѓето се во некоја апатија и песимизам, а тоа не е точно. Како можеме за едно општвество кое живее во кладилница да зборуваме дека е во апатија и песимизам. Па тие луѓе секој ден ги ставаат своите пари на некоја шанса која е речиси никаква.Истите тие луѓе се подготвени да ги вложат и своите животи , своите денови, па дури и можноста да завршат во затвор само ако постои некоја мала шанса за добивка. Ако не ја видат таа шанса, тие нема да направат ништо.Јас сметам дека расте тој оптимизам и дека постои таа шанса.

Вие сепак успеавте да го смените и премиерот во 2009 година , главно со помош на дигиталниот активизам. Што се случи?

Ние всушност првиот премиер го сменивме во 2008 кога покренавме кампања против кантоналната власт во Сараево и баравме оставка од премиерот. Почнаа протести кои беа малку насилни, тој реагираше на нив нарекувајќи ги луѓето со погрдни зборови. Ваквиот однос дефинитивно заврши со негов пораз на изборите.

Кај премиерот на Федерацијата БиХ, едноставно се обидовме да го прикажеме одговорен за ситуацијата во општеството. Се организиравме околу неговиот прескап стан кој го зема на крајно нелегален начин и со државни привилегии достапни само нему. Напишавме графит на неговата зграда „Врати го станот, крадецу“ , а повеќе од 10 000 луѓе се пријавија на Интернет и тврдеа дека тие го напишале овој графит, покажувајќи дека не го ценат премиерот дека е омразен во јавноста. После таквата кампања партијата му наложи да поднесе оставка, која ја даде во мај 2009. Ова беше еден позитивен пример за тоа како луѓето со својот онлајн ангажман беа главен фактор за смена на премиерот.

Како гледате на протестите кои сега се случуваат во БиХ, колку Интернетот е „виновен“ и за нив?

Мислам дека протестите кои се случија лани се мошне битни и за сегашните протести. „Беболуцијата“( протестите со кои се бараше новороденчињата побрзо да добијат матични броеви) им покажа на луѓето дека можат да преземат радикални потези, а да немаат последици, бидејќи блокирањето на парламентот 24 часа е мошне сериозна акција. После неа политичарите беа уште поуплашени. Мислам дека поучени од тоа искуство, луѓето сега тргнаа во нови протести и барања за смена на владата и радикални напади, кои според мене можеби се и премногу радикални бидејќи не го поддржувам насилството. Сепак сметам дека луѓето се уверени дека ова е единствениот начин за да се промени нешто во БиХ.

Во однос на дигиталниот дел на целата приказна, постојат социјални мрежи кои се нецензурирани и овозможуваат информацијата да се шири со брзина на светлината. Традиционалните медиуми повеќе  не можат да ја менуваат сликата  и да кажуваат што вистина, а што лага. Луѓето сега реагираат на социјалните мрежи и се гледа дека се бесни на она што се случува. Тие имаат чувство дека само со масовност може да се променат нештата. Никој нема да излезе на протест ако знае дека таму ќе излезат само 20 луѓе. Ако веруваат  дека ќе излезат 2 илјади лица, другите им се приклучуваат бидејќи сите сакаат да бидат дел од оние што ја менуваат историјата. Социјалните мрежи помогнаа да препознаеме дали она што ќе случи ќе биде историја или уште еден неуспешен обид.

Дарко Бркан: Младите се носители на протестите во БиХ бидејќи веќе нема што да изгубат

Но, зошто ескалираа толку силно протестите овој пат?

Постои едно единство во чувството дека нешто мора да се менува. Вакви протести се случуваат кога ќе се случи тој колективен „нервен слом“ кај луѓето. Тоа се случува сега, секој делува онака како што мисли дека треба, нема лидер , не постои некој кој тоа го води, не постои ништо. Во овој момент луѓето го прават она што сакаат, го искажуваат својот бес за пртеходните 20 години на начин на кој сметаат дека треба. Едни само гледаат, други носат транспаренти, трети фрлаат камења, четврти пишуваат на ФБ…но сите носат многу бес. Мислам дека ова е позитивно, но најважното прашање сега е што ќе се случи после ова. Политичарите ќе мора да одговараат за ова и мислам дека најдобро решение ќе биде да се случи една општа лустрација во политичкиот систем на сите оние кои досега имаа шанса да бидат на власт.Секој кој имал власт изминатите 20 години, а не направил ништо за да им помогне на граѓаните, никогаш повеќе не треба да добие шанса да биде дел од политичкиот систем во БиХ.

Каде се младите во овој изблик на револт во босанското општество?

Младите се веројатно носачи на сето ова што се случува, можеби не поради тоа што се најмалку задоволни, туку поради тоа што имаат најмногу енергија, не се конформисти, но и бидејќи немаат што да изгубат. Тие се навикнати да живеат без надеж, со години живеат без ништо, па дури и кога имаат обезбедено егзистенција немаат перспектива и немаат можност да го остварат тоа што го сакаат. Овие луѓе немаат од што да се чуваат и сееедно им е што ќе се случува со нив, го имаат или ова сега, или некаква можност за промена. Главно, другите алтернативи ним им се потрошени и доволно е само некој да им даде сила да делуваат, ништо повеќе. Тие се носители на сите овие случувања бидејќи едноставно,  бараат само подобра иднина за себе.

Јасмина Јакимова