Данскиот „Ништо не се случува“ е избран за најдобар анимиран филм на „Анимакс Скопје Фест“

„Златната Тула“ за најдобар анимиран филм на осмото издание на „Анимакс Скопје Фест“ ја понесе данскиот филм „Ништо не се случува“ на авторката Мишел Кранот. Со втора награда („Сребрена Тула“) се закити белгискиот филм „Гну“ од Николас Кепенс и Матијас Флипс, додека „Бронзената Тула“ ја доби естонискиот филм „Музеј“ од Аги Пак Ји Ли.

Специјални награди добија македонскиот филм „Кружно патување на монахот“ на Жарко Иванов и бугарскиот филм „Грда Сказна“ на Радостина Нејкова за техника на анимација. Детската публика го изгласа филмот „Гено“ од Грузија на Дато Кикнавелизе за најдобар детски филм на Анимакс #8.

На четирите фестивалски денови на изминатиов „Анимакс Скопје Фес“т беа прикажани 50 краткометражни анимирани филмови и 12 анимирани филмови за деца во официјална конкуренција. Тие беа избрани од пријавените рекордни 3.234 анимации од 83 земји во светот.

За наградите одлучуваше меѓународната жири комисија во состав Ана Недељковиќ (Србија), Надежда Маринчевска (Бугарија) и Гоце Цветановски (Македонија).

На фестивалот беа одржани и две работилици за деца под наслов „Двајца се караат, сите губат„ и „Добар, лош, грд, убав, се се тоа карактери“.

Настанот се одржа од 29 ноември до 2 декември под мотото „Не понекогаш. Засекогаш“ во Кинотека на Македонија.

„Анимакс Скопје Фест“ е во организација на продуцентската куќа „Аурипигмент“, во соработка со филмското училиште „Тинтири-Минтири“ од Скопје, со поддршка од Агенција за филм на Република Македонија и Град Скопје, и во соработка со Кинотека на Македонија. „Анимакс Скопје Фест“ е прв и единствен фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.