Дански ученици во Прага ќе носат жолти ленти за да можат да пијат алкохол

Дански ученици и студенти, кои деновиве за време на зимскиот распуст ќе престојуваат во Прага, ќе бидат „обележани“ со жолти ленти на рацете доколку се полнолетни за да можат да пијат алкохол, информираше чешката полиција.

Дански ученици во Прага ќе носат жолти ленти за да можат да пијат алкохол

Како што јави дописникот на МИА од чешкиот главен град, мерките се преземаат поради серијата инциденти кои се случија минатата година, кога малолетни туристи од Данска неконтролирано се опиваа и демолираа голем дел од мотелите каде што беа сместени.

Се очекува неделава во чешката метропола организирано преку туристички агенции да пристигнат околу 6.000 ученици и студенти кои во чешката метропола ги привлекуваат ниските цени на аранжманите и евтиното пиво.

– Доколку данските туристи предизвикаат инцидент, ќе бидат одведени на одредено место каде ќе бидат на располагање и дански полицајци, кои ќе преземат мерки согласно нивните закони, додаде портпаролот на чешката полиција Томаш Хулан.