Дански тинејџер започна штрајк со глад за да ги натера политичарите да преземат акција за климатските промени

Микел Брикс има 19 години. Тој пред три дена го започна својот штрајк со глас, со кој сака да им воочи на домашните политичари колку е важно прашањето за климатските промени. Брикс планира да гладува до 5 јуни кога ќе се одржат парламентарните избори во Данска.

Свесен е за последиците кои би можел да ги има со ваквиот начин на штрајк, но е решен да им посочи на политичарите за сериозниот глобален проблем.

„Сакам да им покажам на политичарите колку далеку младите ќе отидат за нивната клима, бидејќи тоа е нашата иднина“, изјави тој за локалната телевизија „Тв2“.

Брикс живее во Фредериксхавн, северниот дел на Данска. Но, тој не е единствениот тинејџер кој се обидува да го покрене ова прашање во својот крај.

Вели дека најголема инспирација била шведската тинејџерка Грета Тунберг, која претходно ги повика младите од целиот свет да го искажат своето незадоволство кон политичарите и да и’ се приклучат на „школскиот штрајк за клима“.

Брикс се подготвувал 14 дена пред да започне со гладот. Тој ги повика останатите да го поддржат, но не охрабрува никој да го следи неговиот пример.

„Не им препорачувам на останатите да започнат штрајк со глад. Но, би било одлично ако повеќе млади луѓе ја поддржат иницијативата“, вели тој.

Негов пријател го документира неговиот штрајк, кој започна истиот момент кога премиерот Ларс Љоке Расмусен официјално го прогласи изборниот процес за започнат.

Тинејџерот во наредните денови ќе јаде само еден, ист, оброк дневно. Во текот на изборната кампања најави и дека ќе организира протести.

Но, паралелно со тоа, тој ќе продолжи да учи за своите тестови и планира навреме да го заврши своето образование.

„Не сакам да потклекнам, но ако се разболам на десетиот ден и сум во опасност, ќе престанам“, изјави тој.