Данска прогласена за најсреќна држава во светот, жителите на Бурунди најмалку среќни

Според Извештајот за среќа на ОН за 2016 година, луѓето во Данска се најсреќни, а Бурунди е најнесреќна земја на светот. Македонија е на 95-тото место од вкупно 157 држави.

Од земјите од соседството, Србија е на место број 86, Хрватска на 74, Албанија на 109, Бугарија на 129 и Грција на 126.

Десетте „најсреќни“ нации, по тој редослед, се: Данска, Швајцарија, Исланд, Норвешка, Финска, Канада, Холандија, Нов Зеланд, Австралија и Шведска.

САД е на 13-то место, а Велика Британија на 23-то. Додека скандинавските земји доминираат во топ 10 листата, на дното на листата најмногу од земјите се дестабилизирани од војна, конфликт или во некои случаи, од болести.

Сирија е на 156-тото место, а пред неа се Того, Авганистан, Бенин, Руанда и Гвинеја.

Анкетата ги рангира земјите во светот врз основа на здравјето, семејните врски, вработеноста и социјалните фактори. Данска, која има 5,6 милиони жители, е на врвот на оваа листа по трет пат.

Во скандинавската нација жените имаат 43 посто од сите највисоко платени работни места во јавниот сектор, а е позната и по сеопфатните и долготрајни државни примања.

Малкумина се жалат за високите даноци, бидејќи за возврат имаат големи бенефиции од здравствениот систем, каде секој има бесплатен пристап до лекарска нега.

Од парите за даноци на Данците им се покриени и трошоците за училиште и факултет, а студентите добиваат и месечни грантови најмногу до седум години. Многумина веруваат дека доколку останат без работа или се разболат, државата ќе се грижи за нив.

Џефри Сахс од Универзитетот Колумбија, еден од авторите на извештајот, вели дека среќата и добросостојбата на граѓаните треба да бидат на агендата на секоја држава.

„Добросостојбата на луѓето треба да биде негувана преку холистички пристап, кој ги комбинира економските, социјалните и еколошките цели“, вели тој.

Извор: Ал Џазира