Данска повторно ги отвора градинките и основните училишта од следната недела

Данската влада соопшти дека планира да ги отвори градинките и школите како први чекори кон постепено повлекување на мерките воведени поради епидемијата со коронавирусот.

Премиерката Мете Фредериксен изјави дека владата најпрво ќе ги отвори училиштата за учениците до петто одделение (деца на возраст од 10 до 11 години), бидејќи потребата за нивно чување во домашни услови претставувало голем товар за општеството.

„Повторното отворање на воспитно-образовниот процес ќе значи дека дел од родителите ќе можат да се вратат на работните места непречено. Тоа ни е потребно бидејќи многу работи се недовршени“, рекла Фредериксен, пренесува Локал.

„Разбирам дека ќе има и родители и учители кои ќе бидат загрижени поради можна инфекција. Затоа децата и возрасните треба да бидат надвор што е можно повеќе. Треба да има повеќе простор помеѓу децата кога ќе бидат во затворени простории. Мора да има повеќе хигиена. И, најпосле, доколку сте и малку болни, тогаш треба да останете дома“, додала премиерката.

Премиерката на Данска со дел од нејзиниот кабинет

Другите деца, од шесто па до десетто одделение, ќе се вратат во училиштата најрано на 10 мај, како и учениците од средните училишта. Поради ова, одлуката е дека сите завршни тестирања за учениците ќе се откажат. До 10-ти мај ќе бидат затворени и верските објекти, трговските центри, библиотеките и спортските друштва.

До тој датум во земјата ќе важи и актуелната забрана за собирање на повеќе од 10 луѓе. Додека отворање на ресторани, барови, кафетерии, фризерски салони и слични бизниси ќе останат затворени до „следна фаза“.

Владата истовремено препорачала вработените, кои од 12 март беа замолени да работат од дома, да продолжат да се враќаат на работните места доколку се придржуваат до „општите правила за дозволено однесување“.