Данска го сруши сопствениот рекорд за електрична енергија генерирана од ветерници во 2015

Данска постави уште еден светски еколошки рекорд, генерирајќи повеќе од 42 посто од енергијата која била искористена во 2015 само од ветерници. Ова е пораст од три посто во однос на минатата година, кога Данска прв пат го постави истиот рекорд.

Овие вести покажуваат дека скандинавската земја е на добар пат да ја постигне целта до 2020 година да снабдува 50 посто од електричната енергија преку ветерници, а веројатно и да ги исполни целите на кои се обврза на Париската конференција за климатски промени.

Во 2014 година Данска постави рекорд, кога најави дека успеала да снабди 39,1 посто од електричната енергија преку ветерници. Годинава го надмина овој процент, а еден ден снабдиле дури 140 посто од дневната национална побарувачка на струја.

Во просек, Данска произведува вишок енергија 16 посто од времето. На ветровити денови, Данска може дури и да продава струја на соседните земји како Германија, Шведска и Норвешка.

Данска има амбициозна цел до 2030 година да произведува дури 90 посто од електричната енергија од обновливи извори. Тоа е многу повеќе од минималната граница на која се согласи со договорот на самитот во Париз, според кој сите земји потписнички би требало да ги намалат емисиите на стакленички гас за 40 посто и да ја зголемат употребата на обновливи ресурси за 27 посто, пишува IFL Science.