Даниела Ременска: Жените мора машки да се борат за успех во светот на технологијата

Даниела Ременска: Жените мора машки да се борат за успех во светот на технологијатаИма објавено научен труд за NASA, докторанд е на University Amsterdam, во областа на компјутерската наука(High Performance Distributed Computing), се занимава со grid computing, а фокусот и насочен на формалната верификација на однесувањето на дистрибуирани системи.

Веќе подолг период Даниела Ременска живее во Холандија, земјата која и понуди многу можности на младата Македонка. За време на краткиот престој во Скопје, од иницијативата „Бори се женски“, ја повикаа преку личните искуства, да раскаже со кои предизвици се соочува една жена во машкиот свет на технологија.

За Радио МОФ, Ременска со жалење констатира дека во Македонија жените го губат своето место во општеството, но додава и дека стеротипите се присутни дури и во развиеното западно општество.

Колку е тешко да се биде жена во светот на технологијата? 

Голем предизвик е, не би можела да речем дека не е,  особено кога гледате дека тоа е машки свет. Стереотипите се поместуваат, но сепак јас живеам во земја во која стереотипите одамна се поместени, така што јас веќе речиси и да не ги гледам во моето секојдневие. Дури и кога ме поканија девојките на трибината „Бори се женски“, малку ми беше и страв дека нема да се вклопам во оваа матрица, за на крај да сфатам дека сепак има некои стереотипи кои суптилно се повлекуваат во нашиот живот така што, би рекла- Да стереотипи постојат дури и на запад, во модерните земји иако таму се помалку изразени.

Дали жените треба повеќе да се докажуваат во овој сектор за разлика од своите колеги?

Имам чувство дека треба, иако темата е „Бори се женски“, сепак имам чувство дека жените, барем оние кои што ги знам, па и тргнувајќи лично од себе, мора да го прифатат оној агресивен машки начин на борење како ако сакаат да успеат на позиции кои се типично машки, посебно ако станува збор за CEO, Тech или истражувачки позиции. Имам чувство дека треба да вложат екстра труд за да бидат на некое еднакво ниво со мажите.

Живеете во Холандија, една од најлибералните држави во светот, каков е статусот на жената во ова општество?

Многу подобар од тука. Како што кажав, таму тие разлики се сведени на минимум, како и ред други разлики. Мегутоа сепак државата работи многу на тоа. Дури и факултетите на кои што студирам редовно имаат програми за поттикнување на еманципација, за поттикнување на жени во индустрија, технологија и во истражување.

Во Македонија, последниве години се промовира конзерватизмот, многудетните семејства, се поместува и местото на жената во општеството. Како Вие гледате на овие трендови?Даниела Ременска: Жените мора машки да се борат за успех во светот на технологијата

Ме вади од такт ова што се случува, тоа е еден чекор наназад во секој слулај, но ме радува што и покрај тоа има организации како на пример „Бори се женски“, кои од петни жили се трудат да сменат нешто, но не ми се допаѓа тој тренд. Се надевам дека е една фаза која ќе трае кратко и луѓето ќе сфатат дека тоа е еден погрешен пат , не само за жените, туку и за мажите и во крајна мерка за општото добро на државата.

Вашата биографија е и долга и богата, што лично за вас досега претставува најголем?

Успехот е релативна работа. Имам можност да соработувам со големи умови како оние од ЦЕРН, ми примија труд за НАСА, што е секако остварување на еден сон, иако можеби детски сон, но горда сум на тоа. Јас сеуште немам деца и фамилија на кои може да се гордеам, така што кариерата ми е на прво место и мислам дека и големите и малите трудови ги доживувам на ист начин, затоа сум горда на се што досега сум постигнала.