Даница Павловска: Уставен суд ја прифати иницијативата за ГТЦ

Бившата претседателка на Асоцијација на архитекти на Македонија и неуморен активист од иницијативата „Го сакам ГТЦ“, Даница Павловска – Циги, вели дека од Уставниот суд е прифатена нивната иницијатива за ГТЦ, со која се обжалува членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Се работи за иницијатива од лани, кога „Го сакам ГТЦ“ ја обжали одлуката на Владата со што објекти од типот на ГТЦ, Македонска опера и Балет (МОБ) и Националната универзитетска библиотека  „Св.  Климент Охридски“ (НУБ) се прогласуваат за „објекти од посебен интерес“ и, практично, се одзема ингеренцијата на Општина Центар.

Даница Павловска – Циги

„Ова е убава вест и е само навестување на конечните одлуки кои допрва треба да ги чекаме на Уставен суд. Значи, попладнево на нивниот сајт треба да се појави и официјална информација, која јас ја добив од човек присутен на седницата. Иницијативата за ГТЦ е прифатена, тоа значи дека постапката е отворена. Но, она што е важно, изречената привремена мерка, тоа е она што го спасува ГТЦ. Привремената мерка не дозволува од овој момент натаму да се применува тој член – прогласување на ‘објекти од посебен интерес’“, вели Павловска за Радио МОФ.

До овој момент Владата, објаснува таа, во однос на катастарските парцели и планот има донесено дека тоа е простор од „посебен интерес“.

„Конкретно за објектот нема ништо донесено, така да, мислам дека го фативме последниот воз. Очекувам и идната Влада, која и да е, дека нема да се однесува така, затоа што тоа е крајно непрофесионално. Политичарите не можат да одлучуваат за такви работи. Тоа ‘не држи’. Аргументот мој во иницијативата е силен и драго ми е што Уставниот суд што тоа го препознал“.

Засега на сајтот на Уставниот суд нема ништо објавено околу денешните одлуки.

Б.Ш.