Дан Лахав, креаторот на машина за дебатирање, доаѓа на ENGAGE 2020

Дан Лахав, креатор на машина за дебатирање ќе биде еден од говорниците на деветтиот ENGAGE 2020 – конференција за социјален активизам. Тој е компјутерски научник и е истражувач во IBM. Вклучен е во развојот на „Project Debater“ – првиот систем на вештачка интелигенција што може да дебатира со луѓето за сложени теми, со цел да им помогне да изградат убедливи аргументи и да донесуваат добро информирани одлуки.

Во 2018 година, Лахав беше прогласен за најдобар дебатер на Светскиот шампионат за дебати, историски успех за некој чиј мајчин јазик не е англискиот. Освен на Светското првенство, тој има над 50 трофеи во дебата и беше активен во проекти во над 40 земји на 5 континенти. Добитник е на наградите за придонеси во дебатирање и слободен говор, а често држи предавања за критичко размислување и технологија. Освен дебатерството, Лахав е биолог кој работи на апликации вештачка интелигенција во биомедицински истражувања.

На ENGAGE 2020 што ќе се одржи на 22-ри февруари со почеток во 12:00 часот во МКЦ, Скопје Лахав ќе зборува на темата „Ако може машина, може и политичар – како креирањето машина за дебатирање може да влијае на подобрување на јавниот дискурс.“

Инаку, деветтото издание на Конференција за социјален активизам ENGAGE 2020 ќе вклучи домашни и странски активисти-говорници на разни теми како дигитална демократија, животна средина, иднината на образованието и медиумите, како и правата на ЛГБТИ заедницата и граѓанската ангажираност.

Листата на говорници сѐ уште не е затворена. Во меѓувреме, регистрацијата за настанот е отворена, а можност за учество ќе имаат првите 300 пријавени учесници за конференцијата.

За да ја проследите конференцијата, може да се регистрирате тука.

Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.