Дали кратењето на работна недела може да биде решение за побрзо враќање на работа?

Бидејќи училиштата и работните места почнуваат повторно да се отвораат низ целиот свет, станува се појасно дека светот ќе биде поразличен од оној што го оставивме – и многу од промените би можеле да се тука за да останат.

Ова „ново нормално“ се заснова на новото разбирање и нов пристап кон безбедноста. Бидејќи се наѕира длабоката рецесија, а едукацијата на повеќе од 1 милијарда деца ширум светот останува во мирување, мора да се постигне нов вид рамнотежа помеѓу рестартирање на економиите и спречување на пренесување на новиот вирус, пишува Светскиот економски форум.

За таа цел, Кралското друштво на уметностите (Royal Society of Arts), организација со седиште во Велика Британија, предложи нов пристап кон работната недела: поделба на два дела. Поделувајќи ги вработените во две групи, од кои секоја би работела последователна тридневна смена – на работни места кои детално ќе се чистат меѓу секоја смена – физичкото растојание во канцелариите ќе стане полесно за одржување. Овој потег, тврдат, исто така ќе им помогне на повеќе луѓе да се вратат на работа во време на намалена побарувачка за работна сила, а ќе донесе и намалување на гужвата на патиштата и зголемување на опциите како возење велосипед или јавен превоз.

Поделбата на работните места како оваа веќе се обиделе да ја применат некои фирми, особено во Азија. Во Јужна Кореја, Кредит Свис ги подели своите вработени во две одделни групи уште во февруари. Сличен пристап презедоа и другите големи банки.

Како и во многу други области, пандемијата ги ​​забрза трендовите кои започнаа уште пред нејзиното избувнување – како што е далечинското работење. Анкетата на Универзитетот во Монтреал покажа дека многу луѓе сметаат дека се всушност попродуктивни и иновативни кога работат од дома. Кризата ќе ги принуди на ова многу бизниси кои претходно не го прифатиле далечинско работење или само ја тестирале оваа можност која се чини дека ќе стане дел од новото нормално.

Дали истото може да важи и за пократката работна недела? Премиерката на Нов Зеланд, Јакинда Ардерн ја обзнани идејата за четиридневна недела како еден начин за зајакнување на домашниот туризам. Не се работи за владина политика, туку таа го нарече прашање „што навистина се наоѓа меѓу работодавците и вработените“ – но веќе е испробано во Нов Зеланд, со ветувачки резултати. Во 2018 година, компанија наречена „Perpetual Guardian“ спроведе двомесечен пробен период на четиридневна работна недела; резултатите беа толку успешни што компанијата објави дека сака да ја направи постојана. Пријави поголема продуктивност, пониско ниво на стрес и подобрена рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот на вработените.

Студијата на европски фирми кои спроведоа слични испитувања минатата година, објавија слични резултати, но имаше и лоши страни. Речиси три четвртини од анкетираните менаџери рекоа дека и покрај предностите, постојат значителни пречки за спроведување на четиридневна недела, како што се бирократијата, проблемите со договорите и предизвиците околу персоналот.

Но, во свет со Ковид 19, тие бариери веќе не изгледаат како важни или непремостливи. Предлогот не е, на крајот на краиштата, за подобрување на рамнотежата помеѓу работата и животот – тоа е, всушност, обид да се моделира начин за да се вратат што е можно повеќе луѓе на работа, колку е можно посигурно. Пандемијата ги натера сите да ги преиспитаат фундаменталните аспекти во животите. Може ли пократката работна недела да стане дел од новата нормала? Со оглед на огромните промени што веќе ги доживуваме и апсорбираме во нашите секојдневни животи, мора да се постави прашањето: а зошто да не? заклучува Светскиот економски форум.