Со „Далеку од луѓето“ ќе се отвори Неделата на францускиот филм

Со проекцијата на филмот „Далеку од луѓето“ на Давид Оелхофен во кино Милениум во Скопје ќе биде отворена Неделата на францускиот филм која ќе трае од 11-13 февруари.

Денеска, директорката на Францускиот институт во Скопје, Изабел Марки-Барбо, соопшти дека годинава фокусот на оваа манифестација е ставен на актуелни настани во францускиот филм и продукција.

Дел од програмата се и филмовите „За боговите и луѓето“ на Гзавие Бовоа, кој има освоено Гран при на Канскиот филмски фестивал, како и „Добредојде“ на Филип Лиоре, кој е прогласен за најдобар филм во 2009 година според француската публика, а имаше и десет номинации за престижната француска филмска награда „Цезар“ за 2009 година.

Манифестацијата ќе се затвори со најдобрата комедија за 2012 година во Франција, „Искрени пријателства“ на Стефан Аршинар. Оваа филмска манифестација ќе биде збогатена со кафе дебата на тема „Слобода на уметничкото изразување“ насловена „Филмот алатка за сонување или огледало на реалноста“ на која ќе учествува и амбасадорката на Франција во Македонија Лоранс Оер.

Воедно, од Институтот соопштуваат дека билетите за филмот „Далеку од луѓето“ со кој ќе започне Неделата на францускиот филм во кино Милениум се бесплани и треба да бидат набавени од просториите на Францускиот институт. За останатите проекции кои ќе се одржат во киното Фросина во МКЦ билетите ќе бидат со симболична цена.