Дајте му име на најголемиот заловен рис, бара МЕД

Националниот парк Маврово, во соработка со Македонско еколошко друштво залови уште еден рис во паркот.

Рисот Б8 за кој здружението собира податоци уште од 2013 година, влезе во една од замките поставени близу мавровско Сенце.

Овој крупен мажјак (27 килограми) е постојан жител на паркот и е сликан на вкупно 12 различни локации во последните 6 години. Тој го држи рекордот за најголемиот балкански рис кој досега бил заловен за научни истражување, информираат од МЕД.

Податоците од неговото набљудување ќе придонесат подобро да се разберат неговите потреби за исхрана и живеалиште, како и просторот со кој поседува.

Но, сега има друг проблем. Како да се вика?

МЕД ја повикува јавноста да се вклучи така што ќе гласа за некој од понудените предлози: Бистри, Филип, Јован, Мујо, Сенко и Вир.

„Со цел да му се даде име на овој мажјак, ве молиме да ја посетите фејсбук страницата на балканскиот рис (на овој ЛИНК) и да гласате за еден од шестте предлози за негово име“, стои во повикот на МЕД.