#ДајMито – акција за алармирање на корупцијата во сите пори на општеството

Состојбата со нефункционитањето на Државната комисија за спречување на корупција, корупцијата во институциите, но и корупцијата влезена во националната традиција и сите пори на македонското општество, натера активисти преку саркастична акција „Дај мито“ да укажат и се борат против овој огромен проблем.

Тие преку перформанс – поворка прошетаа низ главниот град и ја помовираа Агенцијата за рамноправна дистрибуција на мито.

Оваа новоформирана „Агенција“, велат активистите, превзела итни мерки за да го олесни процесот на давање на мито. Новото тело веќе има смислено „стратегија“, согласно потребите на сите засегнати страни – поставување пунктови за собирање на мито.

Пунктовите треба да им помогнат на граѓаните да остават мито за различните услуги кои ги нудат македонските институции, заедно со инструкции за тоа како тие треба да се однесуваат и на што точно да внимаваат при самото давање мито. Упатството е во пет чекори: почитувајте го барањето мито, бидете дискретни, бидете понизни, дајте ги парите и никогаш не пријавувајте.

Во духот за олеснување на давање мито, изработени се и „банкноти“ од 2.000 евра за мито за вработување во државна администрација. 1.000-ки за операција, 600-ки за мито за уверение за неосудуваност, додека банктотата за 6-ка за факултет има вредност од 200 евра.

Активистите велат дека злоупотребата на дадената доверба за лична добивка е систем на однесување кој е длабоко навлезен во општеството, а реално го чини слобода, здравје, пари, а понекогаш и човечки животи.

„Екстремното високо ниво на корупција, но и статус-кво состојбата во однос на решавањето на овој проблем, побарува нови, креативни идеи и начини кои ќе алармираат за состојбите и ќе направат притисок за што поскоро решавање на корупцијата. Крајната цел на активистичката акција е да стави крај на корупцијата во Македонија“, соопштуваат активистите.

Активистите на „Дај мито“ се повикаа последниот извештај на Транспаренси Интернешнл, укажувајќи дека Македонија паднала од 69 на 107 место на листата на земји од регионот за борба против корупцијата.

Земјава има оценка 35/100, со што е во групата држави со „висока корупција“.

Во Македонија во 2016 година, 30 отсто од граѓаните изјавиле дека им било побарано мито, а 29 проценти платиле, односно дале мито. Лани,  на 36 отсто им било побарано мито, 31 процент дале мито. Вкупно 90 отсто од граѓаните во Македонија никогаш, односно воопшто не пријавиле корупција.