Дафина Шекутковска, физичар и уметник: Сликам на тенката граница меѓу убавината на науката и уметноста

Дафина Шекутковска е професорка по физика во гимназијата „Георги Димитров“. Таа е и уметник. По вокација не е акадамски сликар, но слика уште од дете, континуирано со години. Ги испреплетува науката и сликарството низ творечкиот полет. Доаѓајќи од научна позадина, за Шекутковска е природно што собира уметничка инспирација од физиката и математиката, двете базични науки што го објаснуваат универзумот. Сега, дојде време во среда (19 февруари) од 20 часот во НЛБ Галерија да ја отвори „Бифуркации“, изложба што ги пренесува нејзините гледишта кон светот, но и доживувања кон науката.

Во разговор со Радио МОФ, објаснува дека ќе бидат претставени 60 дела, повеќето правени во период во последните четири години.

„Некои се доста постари, уште кога бев средно. Ќе има и неколку фотографии, неколку колажи. Освен тоа, слики – акрил на платно“, вели Шекутковска.

Инжинерката по применета физика и уметница, потенцира дека сака да слика на тенката граница помеѓу убавината на науката и уметноста.

Бифуркација, објаснува таа, претставува многу мала промена во параметрите на системот. Таа доведува до ненадејна квалитативна промена на однесувањето на системот.

Дафина Шекутковска

„Ова ми е многу интересно и го имам насликано во повеќе дела, преку Пеперуткиниот ефект, преку Лоренцовиот атрактор… Меѓу другото, имам и слики поврзани со математика, со Перелман математичарот и неговото решавање на проблемот на Поинкаревата конјектура со помош на проток на Ричи. Тој покажува дека ако Универзумот е конечен, ако можеме да видиме дел од него, може со диференцирање со теорија на прекривачи да ја откриеме неговата форма“, вели таа за рускиот математичар, кој е познат дека одби награда во 2006 година за неговите придонеси, изјавувајќи: „Јас не сум заинтересиран за пари и слава и не сакам да бидам ставен на излог како животно во зоолошка градина“.

Уметницата Маја Џеповска, кураторот на изложбата, потенцира дека математиката е универзалниот јазик на природата. Физиката ја користи математиката како алатка во објаснувањето на природните феномени. А пак уметноста и математиката, ја користат геометријата како главно средство за мерење, симетрија и пропорции.

„Така, базичната линија на нејзиното творење е нивното испреплетување. Што значи дека нејзината уметност ни овозможува да ги видиме гледиштата на еден физичар кон светот, низ призмата на неговите доживувања и науката“, пишува кураторката за изложбата на Дафина.

На изложбата, потенцира Џеповска, ќе можеме да погледнеме повеќе еклектични серии на дела, во стилот на наивата.

Перeлмановото решавање на проблемот на Поинкаревата конјектура со помош на проток на Ричи

„Дафина си поигрува со нејзината силна страна како физичар и нејзиниот емотивен живот. Повеќето дела го отсликуваат научниот дел, а некои пак емотивниот живот и искуствата. На овој начин таа чувствува дека заокружува еден научноимагинативен предизвик“, пишува Џепоска за „Бифуркации“.

И самата Шекутковска нагласува дека сака да ја долови убавината на науката преку сликите. Да ја доближи до посетителите. Но, сликите не се поврзани единствено со наука.

„Добар дел се и настани од мојот личен живот, коишто можеби изгледаат надреално. Нешто што јас го викам ‘мек надреализам’“, дополнува Шекутковска.

Инаку, Шекутковска досега има сработено над седумдесет дела, со едно од нив учествувала на изложба во галеријата „Saatchi“ во Лондон, а неколку се изложени на DeviantArt. Меѓу другото, пред неколку месеци беше ментор во работилница – експеримент на слоновата паста за заби, заедно со интердисциплинарниот уметник Доротеј Нешовски.

Бојан Шашевски