„Да создаваме уметност“ – Dreadpen со повик за дизајни и илустрации

Уметникот Давид Ристевски, кој создава под псевдонимот Dreadpen, распиша повик под насловот „Да создаваме уметност“ (#LetsCreateArt) за сите оние што мислат дека уметноста може да го промени светот.

Се работи за конкурс во кој секој што ќе пријави свое старо или ново дело на тема скејтборд, графити, улична уметност, музика или било што друго, може да добие надомест од 100 евра како и можност на линија на маици со дизајнот и името на уметникот. Таа ќе биде претставена во продавницата на Dreadpen и на сите онлајн платформи.

„Сите заинтересирани треба да ги објават дизајните на Инстаграм со таг Dreadpen или да ги испратат на hello@dreadpen.com до 31 декември: 00:00 часот. Ќе бидат избрани 1-2 најдобри дизајни со кои ќе се производи ограничена линија на маици за следната колекција“, стои во повикот.

Ристевски предлага да се користат максимум три до четири бои, со користење на алатка по избор (Photoshop, Illustrator, Procreate, итн.)

Организаторот напоменува дека дизајните и илустрациите не треба да подлежат на ексклузивни права.