Претседателот Стево Пендаровски ја потпиша Декларацијата за деца, млади и климатска акција, во присуство на млади активисти кои учествуваа на Младинскиот самит за климатски промени во Скопје.
Toj gо поздрави ентузијазмот на младите и истакна дека оваа Декларација потсетува дека еден од главните мотиви за справување со климатските промени се токму децата и младите, односно нивното право на безбедна клима и здрава животна средина.
„Мора да создадеме простор младите како најинформираната и најдигитализирана генерација да бидат вклучени во справување со еколошките проблеми и да го кажат своето мислење за климатските политики“, порача претседателот, додавајќи дека особено важно е подигање на јавната свест и обучување на младите, за што е неопходно интегрирање на климатските и еколошки аспекти во Националната стратегија за образование, односно во наставните програми.
На потпишувањето присуствуваа и министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција ДиЏовани.
Нуредини ги сподели националните климатски амбиции и ги охрабри младите активно да учествуваат и во донесувањето на првиот Закон за климатска акција. Исто така, министерот ги повика младите да бидат активни и гласни за да бидат слушнати.
ДиЏовани, пак, поздравувајќи го потпишувањето на Декларацијата истакна дека овој документ ги прикажува заложбите на земјите да ги земат предвид потребите, правата и перспективите на децата во политиките за климатски промени на сите нивоа.
„Потпишувањето на Декларацијата е важен момент што следи по Младинскиот самит за климатски промени, каде што ги слушнавме младите луѓе, нивните грижи и повици за акција за заштита на животната средина. Истовремено, го покажува огромниот капацитет на децата и младите да бидат моќни агенти за промена“, рече ДиЏовани, додавајќи дека климатската криза е криза на детските права.
По повод потпишувањето на Декларацијата, во Кабинетот се одржа и тематска дебата, на која се дискутираше за обврските што произлегуваат од годинешниот Самит за климатски промени COP26 во Глазгов, тековните активности што се преземаат од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, и следните чекори на национално ниво. Младите активисти дискутираа за можностите за нивно пошироко вклучување во процесите на одлучување и креирање на политиките за климатски промени и изразија интерес за мерките што се преземаат со цел заштита на шумите, редукција и превенција на отпадот и подобрување на квалитетот на воздухот.
Северна Македонија се приклучи на триесетина европски земји-потписнички на Декларацијата за деца, млади и климатска акција, која е усвоена на Самитот за климатски промени во Мадрид во 2019 година.
Една од целите на Декларацијата е да се зголеми учеството на децата и младите во процесите за ублажување и адаптација на климатските промени, преку поголема едукација за климатските промени и животната средина, како и стекнување на знаења и вештини потребни за да се заштитат себеси и да придонесат за безбедна и одржлива иднина.