Да се тргне оданочувањето на обуките од новиот закон, бараат 84 граѓански организации

84 граѓански организации го поддржаа барањето за менување на една од точките во предложените измени во Законот за данок на личен доход.  Организациите сметат дека доколку остане предложената измена во законот за оданочување на трошоците за сместување, храна и пат за настани над 5 денови организирани од здруженија на граѓани и фондации, ќе бидат оштетени граѓанските организации и корисниците на нивните активности. Посебно ќе бидат оштетени младинските организации и младите кои ги користат нивните програми.

Станува збор за точката 41, став (1) од член 12 Надоместоци на кои не се плаќа данок на доход и која гласи: надоместоци на трошоци за сместување, храна и превоз за лица кои се учесници на настани со времетраење не повеќе од 5 дена, организирани во рамки на активностите на организацијата основана согласно со Законот за здруженија и фондации, утврдени врз основа на документи за направените трошоци.

Со оваа точка, посочуваат здруженијата, се воведува плаќање на данок на доход за сместување, храна и превоз за учесници на настани кои траат повеќе од 5 денови организирани од организации основани според Закон за здруженија на граѓани и фондации.

„Воведувањето на оданочување за настани над 5 денови ќе се одрази најмногу на младинските организации и организациите кои работат за млади. Младите во Македонија се справуваат со многу предизвици – невработеност, низок стандард, малку социјални и културни можности и други фактори кои резултираат со разочараност, бесперспективност и високи стапки на иселување на младите од државата. Младинските организации се меѓу оние кои најмногу прават да се надминат овие проблеми и обезбедуваат активности за млади кои им го подобруваат животот и личниот развој – од јавни настани до бројни обуки, работилници и размени. Многу од овие активности траат над 5 денови. Ова оданочување ќе се одрази директно на младите во земјата и младинските организации кои посветено работат да им го направат животот подобар. Данокот ќе влијае на намалување на буџетите за  активности, со што помалку млади ќе можат да ги користат“, се посочува во писмото од организациите испратено до Министерството за финансии.

Од граѓанските здруженија посочуваат дека постојат многу активности за млади организирани од граѓански организации кои траат
повеќе од пет денови. Нејасно е, велат, од каде се јавува предлогот за оданочување на овие трошоци за настани над 5
денови, односно над 3 дена, како што стоеше во првиот предлог на законот. Додаваат и дека е нелогично што во истиот предлог закон, синдикатите целосно се ослободуваат од овие давачки, додека тие се воведуваат за здруженијата на граѓани и фондациите.

„Минатата година, со измените на истиот закон од 1.1.20184 , се појасни дека не се плаќа овој данок за вакви активности. Со овие измени помалку од една година подоцна, се предлага да се воведе. Врз основа на што е дојдено до оваа проценка? Потсетуваме дека ваквите ад хок неплански промени придонесуваат кон креирање на неповолна и несигурна правна средина за работа на
здруженијата на граѓани во Македонија“, стои во писмото.