Да се биде келнер или да се седи дома без работа?

Невработеноста во Македонија тешко ги погодува и младите струмичани. Кога немаат друг избор, кафулињата стануваат местото од каде што се вадат парите за живот, а работата како келнер се гледа како единствената можност за егзистенција.

Да се биде келнер или да се седи дома без работа?

„Кај нас има многу академски кадар ама нема работа за сите тие лица. Извини, ама јас не учев 3 години факултет за да завршам веќе со години како келнер во едно просечно кафуле“, вели 25-годишниот келнер Горан од Струмица.

Според него жално е тоа што воопшто се „фрлаат“ илјадници евра за студирање,  кога многимина никогаш нема да работат по својата струка. Според Горан, најмногу боли – да имаш диплома, а да немаш работа барем приближно според квалификациите.

Иако медиумите објавуваат дека економијата во Македонија од ден на ден се подобрува, свежо дипломираните економисти се жалат на тоа што реално се случува во државата.

Според  23 – годишниот Александар, кој неодамна дипломираше на економскиот факултет, македонската реалност е таква што залудна е  дипломата кога газдите, како што вели тој, секогаш си бараат свој човек за да го вработат или некој што ќе работи за 5000 денари.

„ Годишно новите фабрики што се отвораат можеш да ги изброиш на една рака. Она што најмногу ме фрустрира што колку и да си амбициозен, миленичињата на мама и тато кои никогаш не мрднале со прст во животот, ти го земаат работното место за кое со години си се препотувал. Кажете ми, каде е правдата овде?“ прашува економистот кој исто така работи како келнер.

„Кога нема што друго да се работи, келнер ќе бидеш за мизерна плата од 200 евра. Ама тоа е. Сите си бараат работници за ич пари, а денешниве млади на кои итно им требаат финансиски средства, би ја прифатиле секоја сума само за да дојдат до пари“, вели еден од повозрасните келнери во Струмица,  кој веќе цела деценија работи во ресторан.

Тогаш, кој е мотивот на студентите да учат? Има ли поента фрлањето на илјадници евра за студирање кога со секој изминат ден, се поголем е ризикот дека тие средтсва никогаш нема да си ги повратат? Дали дојде моментот кога престана да важи изреката „Учи сине за да не работиш” , присутна уште од времето на СФРЈ?

Овие прашања секојдневно си ги поставуваат нашите соговорници, но и голем дел од македонски студенти.

Данче Азманова