„Да не се заборави“ – промоција на документарни филмови за граѓански иницијативи

Во „Кино Култура“ во понеделник (21 мај) од 20 часот ќе се одржи промоција на документарни филмови за граѓански иницијативи, кои во изминативе години ја „разбудија и размрдаа“ македонската демократија.

Почнувајќи од #Протестирам, преку Студентскиот и Средношколскиот пленум, па сè до Шарената револуција, граѓанското општество изврши притисок на власта и успеа да направи некаква промена во Македонија.

Младинскиот образовен форум, во соработка со новинари на Радио МОФ, во изминативе месеци работеше на четири документарни филмови, чија цел е да ги овековечат овие четири значајни движења, да ги архивираат за да не останат заборавени, но и да поттикнат во иднина погласно и послободно граѓанско општество.

Во нив се документирани искуствата, сеќавањата и животите на значајни членови на овие движења.

Идејата зад филмовите е да се поддржат и зајакнат човековите права и слободата на печатот, низ прикажување на значењето и импактот на граѓанските движења врз едно демократско општество.

Документарците ќе бидат премиерно прикажани на овој настан, по што ќе следува панел дискусија со: Бранимир Јовановиќ, Јасмина Голубовска, Стефан Дојчиновски и Евгенија Јанакиеска, кои и самите беа некои од централните фигури во документарците.

Проектот е финансиран од Европската унија, преку програмата за мали грантови „Заштита на медиумската слобода и слободата на изразување во Западен Балкан“, имплементирана од Асоцијацијата на хрватски новинари, како дел од регионалниот проект на Регионалната платформа на Западен Балкан за Заштита на слобода на медиумите и безбедност на новинарите.

Проектот го спроведуваат шест регионални новинарски здруженија – Асоцијацијата на независни новинари на Србија (IJAS), Асоцијацијата на новинари на Босна и Херцеговина (BHJ), Асоцијацијата на хрватски новинари (CJA), Асоцијацијата на новинари на Косово (AJK), Здружението на новинари на Македонија (AJM) и Синдикатот на медиуми на Црна Гора (TUMM).