Да не се дозволи отпуштања на работници и одговорност од Министерката Ангеловска, бараат синдикати и здруженија

Повеќе синдикати и здруженија на граѓани денеска преку соопштение се спротиставија и ја осудија изјавата на министерката за финансии Нина Ангеловска, која соопшти дека на фирмите кои користат државна финансиска поддршка за исплата на плати ќе им биде дозволено да отпуштат до 15% од нивните вработени.

Оттаму велат дека доколку ова се реализира, ќе значи десетици илјади нови невработени, во пресрет на очекуваната економска криза и десетици илјади семејства во сиромаштија.

„Срамно е Влада која се нарекува социјалдемократска и која треба да се грижи пред сè за сиромашните и работниците да најавува вакви мерки, особено на два дена пред Први мај, Меѓународниот ден на трудот, што го сметаме за непочитување на овој празник и за навреда на работничките и работниците“, стои во соопштението.

Во реакцијата тие потенцираат и дека не смее да се заборави дека средствата со кои се финансираат овие мерки се од даночните обврзници, па затоа, додаваат треба да се трошат за доброто на сите, а не само за доброто на одредени групи моќници.

Потсетуваат и дека Владата веќе еднаш ја променила оваа уредба, скратувајќи го рокот за неотпуштање работници од септември, на јули, односно, за два месеци.

„Поради сето ова, бараме: итно и неодложно да се запре процесот на измена и дополнување на Уредбата со законска сила за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19 во насока на давање на можност на работодавачите кои користат финансиска помош од државата да отпуштаат вработени. Синдикатите и здруженијата на граѓан(к)и кои се залагаат за работниците и за работничките права задолжително да бидат консултирани при подготовката на мерки кои се поврзани со нив и ниедна ваква одлука да не помине без нивна согласност и одговорност од министерката за финансии, Нина Ангеловска“, се вели во нивното соопштение.

„За крај, ги потсетуваме политичарите и функционерите, дека без работниците и работничките, ниту тие ќе бидат на власт, ниту работодавачите ќе можат да остваруваат профити“, додаваат оттаму.

Потписници на соопштението се: Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ), Конфедерација на синдикални организации на Македонија (КСОМ), Независен академски синдикат (НАкС), Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Синдикат на културата на Република Македонија (СКРМ), Синдикат на македонската дипломатска служба (СМДС), Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, Здружение на граѓани „Гласен Текстилец“, Левичарско движење „Солидарност“, ЈАДРО – Асоцијација на независната културна сцена, Здружение на граѓани „Прес ту Егзит“ Скопје и Асоцијација Контрапункт.