„Да не го игнорираме слонот во собата – да зборуваме за табу теми“ – Денови на психологија 2022

Комората на психолози на Македонија шеста година по ред ќе ја организира националната платформа Денови на психологија, која оваа година ќе се одржува под наслов „Да не го игнорираме слонот во собата – да зборуваме за табу теми“.

Станува збор за 40-тина бесплатни психолошки акции кои ќе ги реализираат лиценцирани психолози во период од 01-11.12.2022 година.

„Како Комора на психолози на Македонија, веќе шеста година преку Денови на психологија се обидуваме да понудиме помош, поддршка и зголемување на свесноста за менталното здравје, но и понуда на некои техники кои за некои лица можеби би биле од клучно значење. Оваа година се одлучивме да ги реализираме бесплатните акции под наслов „Да не го игнорираме слонот во собата – да зборуваме за табу теми“, така што „слонот во собата“ претставува метафора за сито она што е присутно и за сите познато, но на некој начин премолчено“, вели Јована Затаракоска, лиценциран психолог и член на организацискиот одбор на Денови на психологија.

Целта на платформата е промоција на дејноста на психологот и неговата улога во процесите на менталното здравје во заедниците во кои делува и се наменети за општата јавност.

Акциите ќе опфатат теми кои се прикриени, непријатни, недоволно јасни или пак помалку актуелни, а нивната цел е отворање на дел од табу темите, нивно подобро разбирање и интеграција во секојдневието.

„Некои од акциите се во склоп на работните места на психолозите, како што се градинки, основни и средни училишта, приватни установи за социјална заштита, општи болници, универзитети, здруженија за личен раст и развој и слично, но поголемиот дел од акциите се од отворен тип и се достапни до општата јавност“, додава Затаракоска.

Повеќе информации за настаните и агендата на психолошки акции можете да најдете на Фејсбук страницата на Денови на психологија.