„Да го зачуваме Синото срце на Европа“ – кампања за спас на речните текови

Изградбата на најавените двете големи хидроцентрали „Луково Поле“ и „Бошков Мост“, како и 20-тина мали хидроцентрали го доведува во прашање опстанокот на новите инсекти кои се пронајдени на територијата на Националниот парк Маврово, соопшти Екосвест. Тие, во соработка со Riverwatch и EuroNatur је промовираа кампањата „Да го зачуваме Синото срце на Европа“, за зачувување на биодиверзитетот загрозен од најавата за градење хидроцентрали во повеќе земји на Балканот.

Инсектите кои се откриени во Маврово се од групата водни молци и групата пролетници, а истражувањето е работено во соработка со тим од научници предводен од Волфрам Граф, професор на Универзитетот во Виена за природни ресурси. Се работи за видовите од групата водни молци: Drusus krpachi и Potamophylax lemezes, како и видот од групата пролетници Siphonoperla korab чиј специфичен начин на живот допрва треба да се истражува.

„Хидроелектраните, заедно со пропратната дренажа и каптирањето на водите, ќе ги изложат овие чувствителни видови, локални во однос на распространетоста, на ризик од исчезнување”, вели Волфрам Граф.

Сепак, откривањето на овие три видови во Националниот парк Маврово не е изолиран случај.

„Само во последните 5 години, на Балканот се пронајдени околу 15-20 нови водни инсекти. Претпоставуваме дека уште многу видови сè уште не се откриени. Потоците и реките на Балканскиот Полуостров се меѓу еколошки највредните и најфасцинантните живеалишта на Земјата“, додава Волфрам Граф.

Помеѓу Словенија и Албанија се планирани повеќе од 2.000 хидроцентрали, од кои над 800 се во заштитени подрачја со што на реките на Балканскиот Полуостров им се заканува вистинско „цунами“ од брани, посочуваат Еко Свест. Токму затоа, со цел да придонесат кон зачувување на значајните речни текови на Балканот, а во соработка со локални партнери, Riverwatch и EuroNatur ја промовираа кампањата „Да го зачуваме Синото срце на Европа” во засегнатите земји на Балканот.