Да го вратиме образованието на образованите – студентски протест во петок

Ако претходно, студентите излегоа на два студентски марша, овојпат „Студентски пленум“ на својата Фејсбук страница објави дека во петок (26 декември), во 14 часот, ќе се одржи студентски протест против воведувањето на државен испит во високото образование, иако за локацијата од каде што ќе се тргнува се уште не се знае.

Студентите не се откажуваат и сметаат дека досега Владата покажала само консензуален разговор на министрите и премиерот пред камери, а не вистинска јавна дебата  на којашто ќе присуствуваат и студентите. Тие се незадоволни од целосното игнорирање на „Студентскиот пленум“ како и на самите универзитети.

„Драги граѓани, студенти, професори, родители, средношколци, пензионери да не дозволиме овој монолог на владата да продолжи! Студенти, да си го освоиме образованието назад! Ова е моментот кога треба да искажеме револт не само поради лошите реформи, туку и затоа што сопствената држава без срам не игнорира, дрско ни се потсмева, невешто не заокружува. Затоа во петок, сите на протест! Помасовно, побунтовно и покреативно, затоа што сите заедно сме посилни“, повикуваат од „Студентски пленум“.

На десети декември се одржа вториот студентски марш на кој излегоа повеќе од девет илјади студенти и маршираа против овој владин предлог. Тие уште на самиот марш порачаа дека нема да се откажат се додека Министерството за образование и наука целосно не го повлече предлогот.