„Да гледаме во камера или да мижиме“ – како ќе се одвива оценувањето оваа учебна година?

Испрашувања на „Зум“, „Мајкрософт тимс“, квизови на платформата schools.mk се различните начини на проверка на знаењата кои професорите почнаа да ги практикуваат оваа учебна година. Во дел од училиштатата пак, испрашувањата воопшто не се започнати. Искуствата на учениците пак се поделени, покажа и нашата „Инстаграм“ анкета.

Најголем дел од нив се жалат на слаб интернет сигнал дома, но и од училиштата. При ваквиот чест проблем, учениците велат дека квизовите на платформата стануваат недостапни. Дел од нив се шегуваат велејќи „нема испрашувања – има „Професоре не ве слушам..“.

Професорот по Вовед во право, Александар Давидовски вели дека тој започнал со проверка на знаењата по неговиот предмет.

„Учениците искажуваат вредносни судови, анализираат општествени појави, постои размена на мислења и идеи. Водиме дискусии и дебати, правиме анализи и споделуваме ставови. Учениците се одговорни и кооперативни“, вели тој.

Давидовски додава дека дури и со технички проблеми, едно испрашување не ја сумира годишната оценка, па оттаму не смета дека постојат поголеми пречки во процесот на оценување.

Тој нагласи дека навремено бил известен за протоколите за физичка, но и онлајн проверка на знаењата.

Од Министерството за образование и наука денес соопштија дека според препораките на БРО и Државниот просветен инспекторат првите сумарни оценки за секој ученик треба да бидат изведени до 20 ноември. Тие денес испратија „Упатство за наставниците за начинот на оценување на учениците“.  И од МОН и од БРО апелираат наставниците да го прилагодат оценувањето на учениците согласно учењето на далечина.

Надополнување на празнини во учењето преку средби со мали групи на ученици, поттикнување на длабинско учење, грижа за социјалниот и емоционалниот развој се дел од новиот протокол за оценување.

Со најмалку една или две месечни средби за консултации во траење од 20 до 3о минути, професорите ќе имаат можност со најмалку двајца а највеќе 10 ученици, да го утврдат материјалот и да ги надминат празнините во знаењето.

Во текот на еден ден, ученикот ќе може да присуствува на најмногу 3 средби од ваков тип.

Според новиот протокол наставниците ќе применуваат формативни и сумативно оценување, а оценувањето ќе се одвива според тестови со избор од понудени одговори, тестови со краток одговор, есејски прашања, дискусии, изведбени активности, онлајн игри, ученички списанија, но и преку содржините собрани во електронското портфолио.

Од МОН истакнуваат дека се потребни  јасни насоки при начинот на следење, контролирање и вреднување на постигнувањата на учениците во овој период.

„Во рамки на формирањето оценка треба да се задаваат автентични задачи кои ја елеминираат можноста за готови одговори од наставните материјали, или од други извори на информација, а во задачите со кои се проверува познавањето и разбирањето на фактите треба да се обезбеди контрола на времето за решавање на задачите. Дополнително, наставникот може да направи табела за докази/продукти што ученикот ќе ги испрати како дел од електронското портфолио што ќе се оценува. Притоа критериумите за оценување, начинот на достава и роковите за достава треба да бидат јасно комуницирани до учениците и родителите“, соопштуваат од МОН.

Од Бирото за развој на образованието за Радио МОФ велат дека одржани се советодавни стручни средби со директорите, стручните соработници и наставниците за давање на насоки за реализација на наставата од далечина и презентација на новите стручни документи изготвени од Бирото пред почетокот на учебната година.

„Во Упатството за наставниците за начинот на оценување на учениците се предвидува комбинираниран начин на оценување што подразбира поддршка на учениците при реализација на настава на далечина преку следење на ученикот за време на истата, како и повремени консултативни односно менторски средби со ученикот во училница. За реализација на овие средби/часови треба да се почитуваат протоколите за физичка дистанца и лична заштита, дезинфекција на просторијата/училницата исто како за реализација на наставата со физичко присуство во училишта“, истакнуваат од Бирото.

Меѓутоа, од Бирото известуваат дека поради влошувањето на епидемиолошката состојба, вчера од Институцијата бил испратен допис со сите училишта со препорака следењето и оценувањето на учениците да се одвива онлајн, преку платформите на кои што се изведува наставата. Претходно, надлежните институции имаа предвидено физичка проверка на знаењата на секои три месеци.

„Наставниците коишто од различни причини не можат да утврдат оценка кај одредени ученици (ученици што немаат услови за следење онлајн настава или пак, имаат други причини) можат да организираат индивидуални консултативни средби со истите, во насока на следење на постигнувањата и утврдување оценка. При тоа, наставникот, во интерес на учениците, треба да ги избере најсоодветните  методи и инструменти на следење и оценување на постигањата на учениците и давање навремена повратна информација  на учениците и на родителите/старателите“, нагласуваат од БРО за Радио МОФ, објаснувајќи ја новата одлука.

Ивана Смилевска