Под мотото „Да ги симнеме предрасудите“ здружението „Заедно посилни“ во соработка со поголем број истакнати личности, институции и организации од земјава ќе спроведува кампањата за подигнување на нивото на информираност и јавната свест за ХИВ-инфекцијата. Покрај ова, кампањата која се спроведува во пресрет на први декември, Светскиот ден против СИДА, треба да помогне во елиминирање на предрасудите и дискриминацијата кон луѓето со ХИВ во Македонија.
„ ХИВ-инфекцијата им се случува на луѓе кои прават човечки работи. Тие не се опасност за околината, бидејќи ХИВ не може да се пренесе преку вообичаени секојдневни контакти. Луѓето со ХИВ можат да живеат долг и квалитетен живот доколку редовно примаат соодветна терапија. Ова се дел од пораките кои преку активностите од оваа кампања сакаме да ги пренесеме кон пошироката јавност, но и кон бизнис секторот и секако на институциите кои треба да обезбедат соодветна терапија, третман, образование и сè што е потребно за луѓето со ХИВ да можат да ги остварат своите права на достоинствен живот, изјави Андреј Сених, координатор на „Заедно посилни“ – групата за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ.
Активностите на „Заедно посилни“, опфаќаат повеќе едукативни и информативни содржини, работилници и настани, меѓу кои и дебатата со проекција на видео насловена „Позитивни разговори“ најавена на 24 ноември, во Младинскиот културен центар во Скопје. Централниот настан пак од годинешниот национален одговор на ХИВ-инфекцијата, ќе биде добротворниот концерт на првенци на операта и камерен ансамбл на Македонската филхармонија што ќе се одржи на први декември.
Собраните средства од концертот, инаку поддржан и од Претседателот на Република Македонија, ќе бидат строго наменети за лицата со ХИВ кои живеат под прагот на сиромаштијата, како и за покривање на евентуални итни здравствени потреби за било кој човек кој живее со ХИВ.