Д Фестивал се одложува за август и адаптира според препораките за Ковид-19

„Бидејќи бројките на заболени во моментов не се на добра патека, решивме да го одложиме Д Фестивал 49 дена подоцна од закажаните датуми – од 21-23 август 2020 година, на локација Градски Парк – Дојран, во омилениот Д Камп. Во соработка и координација со нашите пријатели од Србија, ќе се одржи една недела по Exit Festival“, соопштија денеска организаторите на фестивалот.

Велат дека годинава започна со амбициозна подготовка на фестивалот и рекордна продажба, а во текот на изминатите месеци напорно се работело на подготвка и адаптирање на Д Фестивал на препораките за борба против ковид-19.

„Со задржување на набавениот билет, го поддржувате фестивалот и музичката индустрија, а за возврат добивате можност со истиот да присуствувате на двете изданија на Д Фестивал – во 2020 и во 2021! Доколку не сте во можност да присуствувате на овогодинашното издание, билетот може да го задржите за 2021 година, а наскоро ќе бидат на располагање и различни решенија за поврат на средствата. Сите детали околу новите датуми и програма за Д Фестивал ќе бидат објавени наскоро“, најавија од фестивалот.

Велат дека според насоките од Светската здравствена организација, кои предложија враќање на фестивалите во светски рамки, изработен е детален предлог-протокол, поттикнат од позитивното искуство на соседните и европските земји кој ќе биде доставен до надлежните институции.

„Ние, како и вие, се’ уште се надеваме на официјални решенија и дозволи за одржување културни настани. Со ова известување апелираме до надлежните институции дека е време да ги препознаат огромното влијание и позитивната улога кои ги имаат настаните од културен карактер за нашето општество“, додаваат од Д Фестивал.

Веќе десетта година по ред, најголемиот фестивал на отворено во Mакедонија – Д Фестивал, претставува специфично музичко соединување кое привлекува над 30.000 посетители за само три дена. Oд првото, па се’ до последното издание, фестивалот од една бина на напуштен паркинг, се прошири на 20.000 квадратни метри, вклучувајќи пет сцени. Низ годините, со многу работа и напор, Дојран стана центар на музичките случувања, како и станица на голем број светски познати изведувачи како Manu Chao La Ventura, Wilkinson, Stereo MC’s, Roger Sanchez, Toy Dolls, Sigma, Goldie, Rudimental, Paul Van Dyk, Sevdaliza, Ofenbach, Captain Hook, Tom Novy, Akua Naru, Mahmut Orhan…