„Д фестивал и пријателите“ утре во Дојран

Утре (сабота, 22 август), на главната бина „Паркинг Гранит“ во Дојран ќе се одржи годинешното издание на „Д Фестивал“. Поради актуелната пандемија на Ковид 19, годинава се најавува „Д фестивал и пријателите“ со една фестивалска вечер, но и под строги протоколи за Ковид 19.

Овогодинашното издание на фестивалот е целосно посветено на домашната музичка сцена

Посетителите ќе имаат можност да ги чујат СУПЕРХИКС, ЛД ПИСТОЛЕРО, BERNAYS PROPAGANDA, PLUTO’S DOUBTS, DONPLAYA, PRINCE$$ DONATSU & BON PRASKIZA.

На програмата се придружуваат GLOOMIE и тимот на RED BULL кои ќе овозможат еден необичен настап каде што публиката ќе има шанса да гласа за своите омилени битови.

Сите кои имаат набавено билет за Д Фестивал 2020 до 30.07.2020 година ќе можат со овој билет да присуствуваат на две „Д Фестивал“ изданија – на „Д Фестивал и пријателите“ годинава, но и на наредното големо роденденско издание во 2021-ва година, каде што се најавуваат многу специјални гости, уметници и креативци како синот на Bob Marley, jамајканскиот хип-хоп и реге артист – КY-MANI MARLEY, панк-иконата и тапанарот на култните Ramones – MARKY RAMONE, балканските Sonic Youth – РЕПЕТИТОР, легендарното германско електронско дуо – BOOKA SHADE и харизматичната поетеса која ги освои срцата на домашната публика – ТЕЛЕМАМА.

Од „Д Фестивал“ најавија дека максимално ќе се погрижат за безбедноста во текот на настанот, запазувајќи ги сите мерки кои ги наложува протоколот за организирање на настани.

Билетарницата започнува со работа од 18 часот, а вратите на фестивалот се отвораат во 19 часот.  Организаторите препорачиваат публиката да дојде на време, постојано да ја носи својата маска, да одржува растојание и хигиена во текот на целиот настан.