Д Фестивал – Ексик камп и тридневен маратон на разумот и музиката

Д Фестивал за свето петто издание го откри целосниот концепт за тридневниот музички маратон кој годинава од 17. до 19. јули ќе се одржи во Дојран.  Покрај музичката програма полна со квалитетни артисти и активности, годинава посебно внимание се посветува и на фестивалскиот камп на плажа кој за прв пат ќе биде организиран во рамки на Д Фестивал.

Меѓите на слободниот Ексик камп на Д Фестивал ќе бидат поставени на 16. јули, спроти паркингот Гранит на брегот на Дојранското Езеро, во срцето на Југоисточната планска зона на Република Македонија. Како што велат организаторите, добредојдени се сите слободоумни чинители, чии приоритети се свест, пиво, независна мисла, збогатување на децентрализирана културно уметничка програма, општ развој и чорба од крап.

Ексик кампот ќе служи како упориште и цврсто и бескромпомисно јадро на посетителите на петтиот Д Фестивал. Својата недвосмислена и безрезервна поддршка на камперите од главната сцена на Д Фестивалот ќе ја дадат: Кирил Џајковски и ТК Вондер и Фолтин, Србите Бед Копи и Грците Баилдса. За најдобро поминатото време летово ќе се погрижат и Љубојна брас фатази, Бла Бла Бла, ПМГ колектив, Фулиш грин, ЗАА, Драм’ен’Брас Трио и многу други, а се ќе започне со К.У.Р..

Во музичкиот дел од програмата, Д Фестивалот ќе има 3 стратешки точки: Главна сцена, Алтернативна сцена во кампот и Електронска диџеј сцена на плажа.

Камперите ќе можат да одат и на театар, кино, изложби, дебати, во рекреативното спортското катче. Самиот камп се наоѓа на плажа, а ќе има и тушеви, бесплатен бежичен интернет, терминали за полнење телефони. Фестивалот за своето скромно јубилејно издание се погрижи и за дополнителната рекреативно едукативна програма, во чии рамки се ангажирани повеќе граѓански, волонтерски и активистички здруженија. Имено, дел од Д Фестивал оваа година ќе бидат повеќе организации како МОФ, Кула, МЦМС, Сложувалка, Македонската платформа против сиромаштија, Борка, ХОПС, Контракадар, Регионалниот еколошки центар, Слем поезија…

Стар Дојран и сите негови волшебни кафеани се на 500 метри од Д Фестивалот, иако сите неопходни намирници, храна и пијалоци ќе бидат достапни во самиот камп и на фестивалот.

Вечерва на полноќ со работа започнува и официјалната интернет страница на фестивалот www.dfestival.mk каде што редовно ќе бидат објавувани сите новости кои допрва следуваат, како и различни корисни информации за беспрекорен престој на сите посетители на петтото издание на Д Фестивалот во Дојран.

Покрај промотивните фестивалски и еднодневни велзници кои веќе се достапни во продажба, на први јуни започнува и специјалната акција „4+1“ наменета исклучиво за студентите и средношколците во Македонија. Во рамки на оваа акција за 4 купени фестивалски влезници, петтата влезница е бесплатна, како и гратис кампот за сите петмина.  Фестивалските билети 17. до 19. јули, вклучувајќи го и сместувањето на ептен независниот камп, во претпродажба чинат 600 денари.

Продажбата на влезниците се спроведува преку МкТикетс.