Д Фестивал, ден 3 – Со Sigma и Goldie се стави крај на одличната забава

На третата и последна фестивалска вечер, се искористија последните сили за максимално да се искуси се што Д Фестивал можеше да понуди.

После богатата целодневна програма во кампот и Church и Mosquito сцените, вечерта ја отворија Lollobrigida. Хрватскиот бенд одлично ја „подгреа“ публиката со својот брз и весел ритам. Потоа, сцената ја препуштија на култните Чиста Околина, кои се вратија на сцената после подолго време.

Скопските рапери покажаа дека и покрај паузата, не заборавиле како се „пука” вистински рап, а публиката им возврати со неуморно играње.

Трети настапија sвездите на вечерта, британското драм енд бејс дуо Sigma. Камерон Едвардс и Џозеф Лензи дефинитивно потврдија зошто се светски познати и барани. Ниту силниот ветер кој го имаше во текот на целиот ден не можеше да ја спречи публиката да се забавува на хитовите кои тие ги изведуваа.

После одличното „џускање“, подиумот го презеде скопскиот бенд Бернејс пропаганда, кој со својот препознатлив стил ја пренесоа забавата на друго ниво, но и дадоа време да се собере енергија за последниот артист на главната бина.

Последен, но не помалку важен на сцената се појави Goldie. Заедно со огнометот, диџејот ја заокружи и така одличната вечер со својот сет, и не дозволи во ниеден момент публиката да одмори.

Како и претходните две вечери, после настапите на главната бина, забавата продолжи покрај езерото до раните утрински часови.

Пишува Горан Ристовски, учесник на новинарската работилница на Радио МОФ и Д Фестивал