Д фестивал, ден 1 – Дубиоза Колектив ја „запалија“ сцената, одличен сет на Роџер Санчез

„И ние имаме добар летен фестивал“ е фразата што континуирано се вртеше меѓу друштвата кои се упатуваа кон фестивалските сцени на првиот ден од  Д Фестивал. Реки луѓе ја преплавија главната улица и сите ја делеа истата философија: „Вечер има да си поминам убаво, па што сака нека биде!“.

Бирајќи од широкиот спектар на изведувачи, жанрови, сцени, сите си го пронајдоа своето место после малиот облак дожд. А нели, после дождот изгрева сонце, па така и во Дојран „изгреа сонце“ од позитивна енергија и добри музички вибрации. Сцените се одлични, почнувајќи од камперската Mosquito stage, Church stage што е вистинско освежување во програмата, „Lake awake“ за сите Сектор и Капан ан фаци и за крај, одличната и пространа Main stage што успешно ја издржа публиката која направи вистинска музичка инвазија и покажа дека и Балканот знае што е добра музика.

Журката почна во кампот со настапи на Leitmotif, Anna O. и Lepi Xhoni кои донесоа вистинска свежина во попладневните часови, после пеколно жешкиот ден. Потоа се преместивме  на главната сцена и фестивалот за сите се отвори со настапот на Мирко Попов и Sethstat, а потоа се направи пресврт со настапи на легендарните Dub Pistols и Toy Dolls. Во меѓувреме, Lake Awake Stage  беше „hard mode-on“, со добри денс траки од диџеи од сите страни. Главната сцена веќе гореше, а журката ескалираше кога сцената ја „изгореа“ веќе добро познатите Дубиоза Колектив кои нели, нема фестивал кај што ги нема, ама никој не прави подобра атмосфера од нив. За да се заокружи вечерта, настапи и светски познатиот Roger Sanchez, за на крај сите да се упатат кон шаторите во кампот и да се вовлечат во вреќите, надевајќи се дека изутрината нема да се разбудат со црвенило од комарци.

Бисера Гиновска, учесник на новинарската работилница на Радио МОФ и Д фестивал

*Дневните случувања на фестивалот и во кампот може да ги следете на блогот „Се е најубаво“.