„Д Фестивал“ бара волонтери

„Дали знаеш дека најдобрата летна школа е да волонтираш на Д Фестивал? Ушите ти зујат од што си имаш енергија? Чувствуваш дека си некаков неоткриен талент? Здосадено ти е секое лето едно те исто да правиш и конечно ти дојде да се впуштиш во водите на непознатото?“

„Д Фестивал“ го објави повикот волонтери на годинешното, деветто издание кое ќе се одржи од 12 до 14 јули, во Дојран. Времетраење на волонтирањето е од 11 до 15 јули, 2019, со задолжителен ангажман од 6 до 8 часа во една смена. Волонтирањето опфаќа часови од 07 до 04 часот наутро.

Волонтирањето опфаќа обврски и ангажман и пред почетокот на фестивалот, кои ќе се утврдат по точно определен план, а истите може да опфатат: дистрибуција на промотивни материјали, промоција на социјални медиуми, креирање на план за изградба на кампот, помош при различни логистички активности, пренесување пратки, помош во канцелариска работа, пречек на гости, итн.

Волонтерот задолжително мора да потпише „Договор за волонтери на Д Фестивал 2019“ подготвен од организаторот.

Специфични бенефити:

-Три-дневен пристап за уживање на целата музика.
-Специјален волонтерски „шатл“ од/до Дојран.
-Полн стомак со три оброци на ден (преку стомакот до вашите срца :)
-Неверојатна Д-Фест маичка, фина и убава.
-Сместување со сопствена опрема во специјален дел во кампот, посебно катче, вистинско волонтерско село со можност да прерасне во град, со фудбалче.
-Вештарство во областа на „снајди се и преживеј“ – во канцелариите на Пасворд Продукција.
-Интензивен курс на терен во тајните на „како да направиш од ништо-нешто“ и напреден курс во „нема не можам, сè можам“.
-Можност за блиска соработка и прошетка со врвни, супер интересни музичари, уметници и обични организатори :)
-На крај, се разбира, за успешно завршена школа, следува соодветна препорака и сертификат со нашиот златен Д печат.

Волонтерски правци:

-Изградба и деконструкција на камп
-Средување на простор (декорирање на камп)
-Чистење и рециклирање (водачи на Д Фест ЕКО патрола)
-Кетеринг (оддржување на фестивалска кујна, служење во бекстејџ)
-Работа во билетара (листи за акредитации, работа со билети и нараквици)
-Помош на обезбедување (проверка на нараквици и чување стража на влезови)
-Обезбедување на фестивалски магацин
-Помош во ПлоштАртовската програма (при работилници, дебати, филмски проекции)
-Тим за итни случаи (тим за се што „нè штима“)
-Инфо тим (луѓето што знаат сè)

Пријавувањето е на следниот ЛИНК, најдоцна до 22 февруари, з за дополнително инфо е достапен мејлот на gorjana@password.mk

„Сите волонтери – да не му ја мислат многу – дојде времето од годината кога Д Фестивал ги отвора своите прегратки! Смело и гордо придружете се на луѓето кои секоја година полека, но сигурно ја градат и оживуваат летната авантура, толку љубена и незаборавна за секој што некогаш бил дел од неа! За возврат, ќе откриеш еден куп супер луѓе, со кои заедно ќе бидете во „животната Д школа“, и се разбира, ќе му покажеш на светот дека си неоткриениот шампион во фудбалче. А како заедничка награда, со твојата несебична помош, фестивалот ќе биде ѕверска тридневна фиеста, невидена спојка на музика, уметност и мисла.
Сè што ти треба е добра волја, верба во невозможното и желба за учење, останатото ќе си дојде само по себе“, порачуваат од „Д Фестивал“.