Д Фестивал 2019 со Кирил Џајковски, Кептан Хук, Том Нови

Д Фестивал, најголемата фестивалска авантура кај нас спакувана во тридневно изобилство на случувања кои ја обединуваат музичката, уметничката и креативната сцена, и ова лето гарантира моќно, деветто по ред, издание кое од 12-ти до 14-ти јули ќе се одржува во Дојран.

Првото засилување доаѓа од самиот врв на современата домашна сцена, преку Кирил Џајковски, македонски продуцент и композитор кој важи за еден од најпрепознатливите балкански електро – уметници во светот. На деветтиот Д Фестивал, ќе има „лајв“ настап со новиот член на неговиот концертен бенд, вокалистот Лајон Ди. Несомнено еден од најпочитуваните и најдокажани музички уметници од Балкан е познат по уникатната синергија која ја постигнува, вклопувајќи балкански етно влијанија и традиционален призвук со модерна електронска музика, а особено ценета е и неговата работа на филмска и театарска музика. Неодамна, по подолга дискографска пауза Џајковски се врати на сцената објавувајќи го одличниот сингл „Reminder“, за кој најави дека е само прв во низата нови синглови, што ни потврдува дека публиката на Д Фестивал ќе има привилегија премиерно да чуе дел од новата музика во живо на неговиот настап како хедлајнер на главната бина на Фестивалот.

„Lake Awake“ бината пак, го најавува својот најсилен „лајнап“ досега. Првото име кое потврди настап е Кептан Хук, еден од најдобрите псајтранс и прогресив транс диџеи и продуценти на сцената, кој ќе ја предводи посадата во петок, на 12-ти јули. Својата кариера тој ја започнува со настапи на андерграунд забави, а во 2003 година стана диџеј на Домо Рекордс. Истата година го започнува проектот „Quantize“ заедно со Ади Ашкенази. Дуото објавува музика за повеќе издавачки куќи, а нивниот деби албум „Time“ излегува во 2009 година за Ибога Рекордс. Во 2010 започнува соло кариера, а кон крајот на минатата година го објави албумот „Origin“.

Веќе следниот ден, саботната вечер на „Lake Awake“, од песоците на Ибица доаѓа Том Нови, еден од најуспешните германски хаус диџеи и продуценти присутен на сцената повеќе од 20 години, чија музичка кариера започна во 90-тите. Со неговите синглови „Your Body“, „I House U“, „Superstar“ и други тој се искачи на топ 10 диџеј листите ширум светот, а низ годините настапувал во „најжешките“ клубови и најголемите фестивали на светот. Цели 14 години беше резидент диџеј во „Space Club“, а четири години беше и домаќин на наградуваниот серијал настани TIMELESS во LIO клубот на Pacha Group.

Ново засилување пристигнува и на „Mosquito“ сцената. Од три различни континенти доаѓаат Сиди Вачо/Sidi Wacho, музичка авантура на шест музичари од Чиле, Алжир, Перу и Франција. Нивните таленти и диви ритмови, како и комбинацијата на кумбија и хип хоп, се придружени од текстови на француски, арапски, шпански и португалски. Преку својата музика, ги потенцираат социјалните проблеми како класно општество, расизам и империјализам, истовремено кревајќи глас за соединување и бунтовност.

Исклучително несекојдневен настап кој доаѓа на Mosquito е и првата хип хоп театарска претстава, „Црнила Ремикс“. Соработката меѓу „Зад Аголот“, режисерот Јордан Симонов и младата актерска трупа, претставува поинакво видување на класичната драма напишана од Коле Чашуле, сместено во контекстот на урбан хип хоп албум. Овој перформанс е сублиминален – меѓу класична театарска драма и хип хоп супкултурата. Ова е првиот и засега единствен хип хоп перформанс во регионот.

Триото РИБ неодамна го објави својот трет, истоимен албум и сè уште ужива во позитивните коментари. Албумот беше одлично пречекан и од публиката, и од критичарите. Својот настап на Д Фестивал претходно веќе го потврдија и Noisia (Ноизиа), Ofenbach (Офенбах), Napalm Death (Напалм Дет), Војко В и Страјк.