Цвеќе процвета во вселената за прв пат

Американскиот астронаут Scott Kelly објави дека насад на цинија процветал во Меѓународната вселенска станица, на нулта гравитација, на неговиот профил на Twitter, заедно со фотографија од портокаловиот цвет.

„Да, има и други животни форми во вселената!“, напишал.

Во блог-пост на NASA за цветот, напишан пред да расцвета, пишува дека циниите биле избрани не заради нивната убавина, туку „за да им помогнат на научниците да разберат како растенијата цветаат и растат во микрогравитација“.

Кон крајот на декември, Kelly објавил фотографија од циниите со исушени и свиткани ливчиња.

„Нашите растенија не изгледаат добро. Тоа би било проблем за човечка колонија на Марс“, напишал.

Други растенија како марула и жито биле пораснати во вселената, но ниту едно досега не расцветало.

„Цинијата е многу поразлична од марулата. Почувствителна е на параметрите на околината и карактеристиките на светлината. Има подолг период на раст, меѓу 60 и 80 дена“, пишува за блогот на NASA Trent Smith, проект менаџер на објектот за одгледување на растенија на Меѓународната вселенска станица.

„Затоа е потешко растение за одгледување, и со оглед на тоа што расцвета имајќи поголем период на растење, го прави добар претходник за домати“, додава.

Освен што ќе им помогне на научниците да смислат како да одгледуваат корисни растенија во вселената, сметаат и дека присуството на цветот ќе го охрабри екипажот на МВС, пишува The Independent.

„Растенијата можат да ги подобрат долгите мисии во изолирана, затворена и екстремна околина, околина која е вештачка и лишена од природа“, вели Alexandra Whitmire од NASA.